На 14 јуни 2026 година, во уникатниот амбиент на предворјето на црквата Св. Софија, ќе се одржи музичката вечер „Чалгиски звуци во чест на Климе Садило“, настан посветен на еден од најзначајните охридски виолинисти и трубадури, Климе Садило.

Манифестацијата се реализира по повод 120 години од тајфата на Садиловци и 145 години од раѓањето на Климе Садило — име кое оставило длабока трага во охридската музичка традиција и староградската чалгиска култура.

Пред охридската публика ќе настапи универзитетскиот ансамбл „Македонија“ при УГД – Штип, кој преку автентични чалгиски композиции ќе донесе вечер исполнета со емоција, носталгија и духот на стар Охрид. Под сводовите на Св. Софија, љубителите на традиционалната музика ќе имаат можност да уживаат во музичка приказна која ги спојува минатото, културното наследство и охридската душа, велат организаторите, од ЗГ „Арт Вивенди“.

Музичката вечер „Чалгиски звуци во чест на Климе Садило“ ќе започен во 20 часот, а се одржува под покровителство на Општина Охрид.

Влезот е слободен.

OhridNews