ГРК Охрид го одбрани трофејот на Меѓународниот меморијален ракометен турнир „Крсте Андоновски“. Во финалето на петтото издание на турнирот, вечерва во СРЦ „Билјанини извори“, охриѓани го совладаа Вардар 1961 со 29:27.
Двете екипи доста тактизираа и по мслку ги криеја адутите, бидејќи веќе на 2 септември ќе играат повторно меѓусебно на официјалното отворање на новата сезона, а треба да се напомене дека и двата тима имаат проблеми со повредени играчи.
Со триумфот над актуелниот македонски првак и освојувач на Купот, Охрид втора година по ред го подигна победничкиот пехар на домашниот турнир.
За МВП на финалето беше прогласен ракометарот на Охрид, Доминик Мате, кој воедно го доби и признанието за најкорисен играч на целиот турнир.
Успехот на домаќинот го надополни Дино Славиќ, кој беше прогласен за најдобар голман на петтото издание на „Крсте Андоновски“.
Признанието за најдобар дефанзивец му припадна на Марко Мамиќ од Загреб, додека Абделрахман Ашраф од Египет е најдобар стрелец на турнирот.
Во идеалната седумка на турнирот се најдоа четворица ракометари на ГРК Охрид:
Голман: Дино Славиќ – ГРК Охрид
Лево крило: Адама Кеита – ГРК Охрид
Лев бек: Анте Иванковиќ – ГРК Охрид
Централен бек: Тилен Стрмљан – ГРК Охрид
Десен бек: Доминик Мате – ГРК Охрид
Десно крило: Филип Главаш – Загреб
Пивот: Давид Свечко – Тримо Требње
Претходно, Загреб го освои третото место, откако по изведување пенали го совлада Тримо Требње. Регуларниот дел заврши 24:24, а Загреб славеше со 5:3 во пенал-серијата. Петтото место го освои Војводина со победата над Нексе од 33:30, додека Египет У20 заврши седми по триумфот над Олимпијакос со 36:33.
Охрид со одбраната на трофејот заокружи уште еден успешен подготвителен турнир. Ова беше и второ финале во краток период во кое охриѓани го совладаа Вардар, по неодамнешниот триумф во финалето на Меѓународниот ракометен турнир во Струга.
Следната пресметка на двата тима е веќе на 2 септември во Гевгелија, кога Охрид и Вардар ќе играат за трофејот во Суперкупот на Македонија.
Г.М.











