Природните, културните и историските  вредности на Охрид преку изложба беа претставени во галеријата на “Old Chelsea Town Library”  на познатата “Kings
Road”
  во Челзи, престижниот дел на Лондон.

На изложбата која беше поставена изминатата седмица беа прикажани шеесетина фотографии во колор и црно – бела техника од збирката на општина Охрид и на авторите Петар Боев, Димче Коруновски, Ангел Ситноски и Александар Ковачески, како и охридскиот бисер, рачно изработената хартија, охридскиот филигран и копии на охридски археолошки артефакти.

-Изложбата ја отвори Сергеј Тоцили, кој е стручен консултант во туризмот во Лондон. Тој ја претстави атрактивната туристичка дестинација и можностите што Охрид ги нуди на странските туристи. На свеченоста при отворањето на изложбата присуствуваа голем број британци кои се интересираа за исклучителните природни и културни вредности кои ги поседува градот Охрид, потоа пријатели на Македонија и македонската култура, но и македонци кои живеат и работат во Велика Британија Претставувањето на Охрид во Лондон освен  кај културната, предизвика внимание и кај туристичката јавност, информираа од Општина Охрид.

Оттаму додаваат дека успешното претставување на Охрид и неговото наследство преку оваа изложба овозможило истата да биде претставена, во наредниот период во уште неколку други  градови низ Велика Британија како Единбург во Шкотска, но и во Литванија и Романија.

Изложбата целосно била организирана од општина Охрид во соработка со ,,Маг – култура и искуство ”од Скопје и ,,Pro Art & Co” од Лондон, како резултат на добрата соработка на градоначалникот Александар Петрески и неговата ангажираност.

OhridNews