Зад затворени врати во хотелот „Инекс Горица“ во Охрид започна работната вечера на тројцата европратеници, иницијаторите Иво Вајгеј, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн, со претседателот на македонското собрание Талат Џафери, неговите заменици и претставници на парламентарните партии, со што практично започна дијалогот помеѓу политичките партии во Македонија наречен процес „Жан Моне“.

Процесот чија агенда се чуваше во тајност, треба да придонесе за унапредување на парламентарниот дијалог и спроведување на европската агенда на земјата која е на вистинскиот пат, за што потврда е безусловната препорака за отпочнување на преговорите за членсто во ЕУ, оптимист e европратеникот Иво Вајгел.

-Целта на процесот е да разговараме во една отворена атмосфера без присуство на јавноста за сите проблеми за кои можеби не е постигнат консензус, а во една таква работна атмосфера со помош на стручњаците кои ги ангажиравме за оваа конференција, мислам дека може да се дојде до согласност за некои работи, за кои секако нема да одлучуваме ние, ниту ќе се одлучува овде, ниту во Париз каде е центарот „Жан Моне“ во неговата куќа, туку ќе се одлучува во Собранието на Македонија. – изјави Вајгел.

На вечерата на која ќе се разговара за улогата на Собранието во реформската агенда за интеграција во ЕУ, преку видео порака присутните ќе ги поздрави и еврокомесарот за проширување на ЕУ Јоханес Хан. Работниот дел започува утре, со обраќања на сите учесници. Акцентот ќе биде ставен на Етичкиот кодекс, Деловникот за работа на Собранието, и буџетска независност на институцијата.

Дијалогот утре вечер ќе биде заокружен со вечера на која е најавено присуство на сите лидери на парламентарните политички партии, каде е предвидено обраќање на Сергеи Станишев, претседател на Европските социјалисти.

Процесот „Жан Моне“ кој треба да го подобри политичкиот дијалог во земјата, се случува во период на засилени дипломатски напори за решавање на спорот за името, кои влегуваат во нова фаза по денешната средба на премиерите на Македонија и Грција, Заев и Ципрас на маргините на самитот на ЕУ во Софија, што се очекува да биде тема на разговор и на меѓупартискиот дијалог во Охрид. 

Горан Момироски