Потегот од населбата Воска до хотелот „Десарет“ ќе биде поделен на 8 реони во рамките на големата Еко акција „Мој Охрид, чист Охрид“, за чистење на крајбрежјето на градот во пресрет на туристичката сезона.

– На овој начин групите кои ќе ги чистат плажите ќе можат поефективно да го исчистат својот реон и ќе може полесно подоцна да се собере ѓубрето од страна на одговорните лица. Првиот реон е комплетно чистење на плажата кај Воска, следен реон е Стариот град, потоа потегот од мостот до плажата „Голден Беацх“, потоа до „Славија“, зона 5 е од „Славија“ до хотел „Гранит“, потоа до хотел „Метропол“, зона 7 е од хотел „Метропол“ до плажа „Атлантис“ и последниот реон е до Пештани и хотел „Десарет“. За сите учесници се обезбедени вреќи, вода и ракавици, а посебни екипи на охридскиот Црвен крст со медицински ранци ќе се при рака при евентуални поситни повреди. Исто така е обезбеден превоз до поралечните плажи, информираат организаторите. 

Акцијата која ќе се одржи во сабота, на 9-ти јуни е иницирана од Супер радио, со поддршка на локалната самоуправа, бизнис секторот, охридските медиуми, еколошките и спортски друштва од Охрид.

Иницијатива за ваква акција имаше и минатата година од страна на група ентузијасти од неформалното еколошко движење „Чистиме гласно“, кои спроведоа еколошка патрола во која беа нотирани жешките точки на североисточното крајбрежје, но и на планината Галичица.

OhridNews