Неформалното еколошко движење Ohrid SOS на својата фејсбук страница објави решение на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ) во кое се наведува дека се бара од Општина Охрид да го поништи незаконски издаденото одобрение за градба.
Известувањето од ДИГУ
Во меѓувреме, до Ohrid SOS стигнало и известување од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) во кое се вели дека општината го усвоила Општиот акт за Лагадин прекршувајќи ја својата законска обврска да спроведе оцена на влијание врз животната средина. „Дополнително, Инспекторатот за животна средина ги потврди и нашите констатации дека објектот не смее да се гради на помалку од 50 м од највисокиот водостој на езерото.“ – велат од Ohrid SOS.
Известување од ДИЖС
Oд Ohrid SOS информираат дека решенијата не се конечни, бидејќи, како што се посочува во објавата, постапката е комплексна и се уште трае. Додаваат дека дека при носењето на решението за градба Општината прекршила повеќе закони, но и дека им го попречила пристапот до правда на сопствениците на имоти во Лагадин усвојувајќи јавен документ за кој не се одржала јавна расправа каде што би се чуле гласот и мислењето на засегнатите граѓани.
– Ги потсетуваме институциите кои ги прекршиле законите дека ќе одговараат и за најмалото сторено кривично дело. – велат од Ohrid SOS.
Во изјава за медиумите дадена на 27-ми декември минатата година, Лилјана Јоноска, претставник од секторот за урбанизам, истакна дека одобрението за градење на хотелот во Лагадин е издадено во законски пропишана процедура со прибавување на сите потребни документи според законот за градење Општината тогаш ги отфрли обвинувањата дека е донесено незаконско одобрение без согласност на Министерството за животна средина и Министерството за транспорт и врски.
За најновиот тек на случајот со оспоруваната изградба на хотел во населбата Лагадин движењето Ohrid SOS ги известило сите членови на советот на општината.
ОhridNews













