Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ, заедно со Здружението за заштита на животни и животна средина Е.Д.Е.Н. и Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ преку соопштение ја инфромираат јавноста за остварената средба со мониторинг мисијата на УНЕСКО што се одржа во Охрид во куќата на Уранија. Според невладините организации на состанокот била констатирана одлуката на УНЕСКО од четириесеттата седница во Истанбул – ако надлежните продолжат со спроведување на спорните проекти, регионот е во опасност да го изгуби статусот, односно е во опасност да биде префрлен на Листата на загрозено наследство што претставува еден чекор до целосно бришење од листата на УНЕСКО.

„Реактивната мисија на УНЕСКО е најригорозниот инструмент кој постои во рамки на институцијата. Наспроти наративот кој го презентираат македонските институции, мисијата не е овде за да дава забелешки, туку за да собира информации. Извештајот во кој тие ќе ги вклучат своите забелешки ќе биде готов за 8 недели од сега. Врз основа на тој извештај ќе се реши дали регионот ќе биде преместен на Листата на загрозено наследство или не на 41 седница на УНЕСКО во јули 2017 г. во Краков, Полска“, истакна Драгана Велковска од Е.Д.Е.Н. по состанокот со УНЕСКО.

На прашање дали надлежните ги испочитувале препораките од 40тата седница на УНЕСКО, претставниците од реактивната мисија само кусо одговориле дека им е доставен извештај за статусот на конзервација на доброто и за чекорите преземени за спроведување на горенаведените препораки. Охрид ЅОЅ испратил официјално барање до Националната канцеларија на УНЕСКО за увид во извештајот што државата го доставила бидејќи се работи за документ кој е информација од јавен карактер.

На состанокот на мисијата ѝ била образложена актуелната ситуација и им била претставено истражување на Здружението Е.Д.Е.Н. според кое речиси сите опфатени институции, граѓани и граѓански организации се против уништување на природните вредности на регионот во име на краткотрајна или еднократна финансиска добивка.

„Урбанизацијата на Студенчишко Блато ќе предизвика уништување на последниот блатен екосистем на Охридското Езеро карактеристичен со својата флора и фауна, додека, пак, изградбата на марина и пешачките патеки во Езерото од каналот Студенчишта до реката Грашница трајно ќе одземе и уништи неколку хектари од литоралниот регион во овој дел од Езерото со што ќе се уништат ендемски видови“, вели Трајче Талевски од Охрид ЅОЅ.

Јавноста треба да знае дека дури и граѓаните да ги поддржуваат навистина предложените инфраструктурни проекти, тоа не значи дека локалитетот нема да се стави на Листата на загрозено наследство. Важно е и да се нагласи дека надлежните имаат обврска и одговорност објективно да ги прикажуваат информациите и да ја претстават точната слика на граѓаните. Во ситуација на голема иселеност, голема невработеност, овие проекти се чинат привлечни бидејќи постои тенденција штетата да не се прикажува од страна на надлежните, а придобивките да се преувеличуваат, се наведува во соопштението на невладините организации по одржаната средба со мисијата на УНЕСКО.

Тие го претставиле алтернативното решение на експресниот пат „Смарт Охрид“.

„Искуството со другите проекти за изградба на патишта во Македонија зборува за низа прекршувања на еколошките стандарди и штети врз живеалиштата и заштитените видови. Планираниот експресен пат Охрид-Пештани ќе направи огромни измени на пејзажот и загуба на ендемични шуми. Наспроти ваквите планови, ние предлагаме одржливо решение наречено Смарт Охрид кое ќе биде еколошки прифатливо и одржливо, а воедно ќе донесе економски придобивки за локалното население од општината“, децидна беше Ана Чоловиќ-Лешоска од Еко-свест.

На состанокот се спомна и иницијатива за прогласување на регионот за зелена дестинација што ние сесрдно ја поддржуваме. Македонија има извонредни природни богатства и може да понуди мноштво туристички пакети за активен туризам. На тој начин и ќе ја зачуваме природата и ќе си овозможиме долги години да профитираме од неа. Со сегашните понудени проекти граѓаните нема да имаат никаква економска придобивка, тие проекти ќе им го отежнат и секојдневниот живот, а и ќе придонесат за уништување на природата која е единствената причина за развој на туризмот во регионот, се вели во соопштението.

OhridNews