Според Кривичниот законик на РМ, службеното лице во локална самоуправа кое ќе донесе решение за локациски услови спротивно на важечки урбанистички план ќе се казни со затвор од три до осум години. Според истиот овој член службеното лице подлежи на истата казна доколку при издавањето на бесправно решение за градба му нанесе штета на друг, се наведува во дописот на Граѓанската иницијатива Охрид СОС во врска со изградбата на хотелот во населбата Лагадин, чија изградба е во тек, а од локалната самоуправа во неколку наврати изјавија дека целата постапка околу издавањето на одобрението за градба течела согласно законските прописи.

– Во случајов огромна материјална штета му беше нанесена на првиот сосед кај кој се сруши терасата и почна да пука бетонската плоча внатре во куќата со што се наруши статиката на целата конструкција и објектот стана опасен по животот на тие кои престојуваат во него. Законот за инспекциски надзор е, исто така јасен. Непостапување по решение издадено од инспекциска служба повлекува плаќање глоба и поведување прекршочна постапка по службена должност. Според Општиот акт кој е моментално во сила како плански документ за потегот Лагадин-Пештани се забранува градење во заштитниот појас од 50 м од највисокиот водостој на Езерото. Меѓутоа, мора да нагласиме дека актот е донесен без никаква јавна расправа, спротивно на сите демократски начела и принципи, а освен тоа, за него не е спроведена ни задолжителната постапка за оцена на влијанија врз животна средина како што се наведуваше во известувањето од Државниот инспекторат за животна средина, велат од Охрид СОС.

Од Охрид ЅОЅ потенцираат дека нема да се откажат, како што велат,  од борбата додека не се задоволи правдата и дека ќе ги искористат сите домашни и меѓународни механизми кои им се на располагање.

OhridNews