На иницијатива на ресторанот Виа Игнација–Вевчани и НУ Музеј Др. Никола Незлобински–Струга, а во соработка со здружението на туристички водичи и придружници Кеј, викендов, се спроведе обука на туристичките водичи членови на здружението за културно-историските и природните знаменитости на Вевчани и Струга.

– Туристичките водичи не претставуваат само толкувачи на културно-историското и природното наследство на Република Македонија, туку и активни учесници во создавањето на туристичките аранжмани, итинерери, излети и ексурзии. Нивното теренско искуство е од исклучителна важност во креирањето на туристичкиот производ на една туристичка дестинација. Кога ќе помислиме на Охрид и Охридското Езеро и се она што претставува туристичка понуда од овој регион не смее да се исклучи Струга, со околните области и секако Вевчани, место кое плени со својата архитектура и специфична култура. Охрид и Струга треба заедно да учествуваат во туристичката приказна за овој дел од нашата држава, изјави Климент Наумов претседател на ЗТВП Кеј Охрид.

Тој додава дека НУ Музеј Др. Никола Незлобински–Струга е официјално најстариот музеј во Република Македонија кој датира уште од далечната 1928 година, а сеуште не добил афирмација и посетеност која доликува за една ваква институција поради фактот што туроператорите во Република Македонија не се желни да преземаат иницијативи за создавање на нови и различни туристички производи. Од големо значење е природонаучниот музеј со настарата збирка на егземплари од фауната на овој регион, археолошката поставка и секако галеријата на икони која постои во склоп на соборниот храм Св. Ѓоргија која од неодамна е отворена за посетители придонесувајќи во збогатувањето на туристичката понуда на градот Струга.

Вевчани е неизоставен дел од туристичката мапа на Република Македонија, а како доказ за тоа се бројните посети и екскурзии кои се организираат од страна на домашни и странски туристички агенции.

– Тука се поставува прашањето колку навистина туристичките водичи се запознаени со Вевчани и со неговото минато и сегашност. Тоа претставуваше повод на покана на ресторанот Виа Игнација туристичките водичи од ЗТВП Кеј да ги чујат приказните кои се пренесуваат со генерации, зборови кои со пари не можат да се купат. Да се едуцираат за Вевчани и неговите знаменитости. Да слушнат за легендите од атарот на Вевчани, за непокорливоста и горделивоста, за 07 август 1987год, вели Наумов.
 Презентер и интерепретатор на културното и природното наследство на Вевчани  е Сашо Бетоски, а во Ресторанот Виа Игнација, водичите и туристичките работници имаат можност да дегустираат дел од традиционалната кујна, меѓу кои вевчанскиот „виткалник“ и „комат“, свинското месо подготвено на традиционален начин под сач, домашни луканци.