Под покровителство на Министерството за туризам на Турција и во организација на “Turkish Airlines”, од 10 до 15 мај во Истанбул и Анталија се одржа собир на најуспешните патнички агенции од светот, на кој учествуваа 180 туристички професионалци од 53 држави.

Меѓу избраните агенции беше и “Ohrid Travel” од Клифтон, Њу Џерси, основана во 1979 година, а од 2003 година под водство на семејствата Димоски и Наумовски.

Агенцијата беше препознаена како една од најуспешните во продажба на авио-билети во изминатата деценија, а на настанот ја претставуваше ко-сопственикот, охриѓанецот Владимир Наумовски.

Настанот „Connect to Türkiye, Connect to the Mediterranean“ започна во Истанбул, каде гостите беа сместени во престижните хотели на Босфор, а програмата вклучуваше посета на палатите Долмабахче и Бејлербеј, како и крстарење по Босфор и Мраморното Море. Учесниците имаа можност да се запознаат со туристичката и културната понуда на Турција, но и да разменат искуства и деловни контакти# вели Наумовски.

Делегациите ги посетија природните и историските знаменитости на Анталија, Сиде и античкиот град Перге, каде се одржа и завршната гала вечер.

Во рамки на собирот, Наумовски остварил и повеќе еден-на-еден средби со тур-оператори од Канада, Бразил, Панама, Малезија и Пакистан, со надеж за отворање можности за нови туристички групи кон Охрид и Македонија. Тој на колегите им ги претставил можностите за патувања кон Охрид преку Истанбул, Виена, Цирих и Белград, со акцент на потенцијалот на регионот како атрактивна туристичка дестинација.

На настанот присуствуваше и гувернерот на Анталија Хулуси Сахин, кој сподели интересни податоци за туристичкиот потенцијал на турскиот туристички бисер..

Во  Анталија секојдневно слетуваат авиони на повеќе од 100 авиокомпании од 40 држави. Само во еден ден во Анталија биле регистрирани дури 228.000 пристигнати патници. Ова познато туристичко место асполага со околу 650.000 легла и годишно реализира 17,5 милиони ноќевања, што го вбројува меѓу водечките туристички центри на Медитеранот.

OhridNews