Три шампионски титули, три сребрени и четири бронзени медали за младите охридски атлетичари во Скопје.

Атлетскиот клуб „Охрид трчаТ“ оствари одличен настап на Националното првенство на Македонија за пионери и пионерки, кое се одржа на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, освојувајќи вкупно 10 медали – три златни, три сребрени и четири бронзени.

Најголемиот успех го остварија новите шампиони на Македонија Илијана Димитровска, која триумфираше во трката на 300 метри кај девојчињата, Илија Тунтев кој го освои првото место во дисциплината фрлање диск, како и машката штафета на 4х100 метри во состав Андреј Димоски, Давид Левески, Филип Ангелоски и Никола Петкоски, која се закити со златниот медал.

Со сребрени одличја се вратија Давид Левески, кој го освои второто место на 100 метри, Андреј Димоски кој беше втор во скок во далечина и Игор Тунтев со второ место во фрлање копје.

Бронзени медали освоија Никола Петкоски во трката на 300 метри, Теодора Наумова на 100 метри, како и во скок во далечина. До третото место стигна и женската штафета на 4х100 метри во состав Илијана Димитровска, Андреа Базгалоска, Искра Цветкоска и Теодора Наумова.

Со освоените десет медали, младите атлетичари на „Охрид трчаТ“ уште еднаш потврдија дека клубот е меѓу најуспешните во државата во пионерска конкуренција и дека охридската атлетика има светла иднина.

OhridNews