Со настапите на Солзи и Смеа, DJ Fic, Битолскиот камерен оркестар и Суперхикс, синоќа беше спуштена завесата на петтото издание на „Ohrid Wine Festival“, кое три дена го претвори Охрид во центар на виното, гастрономијата и музиката.
На фестивалот, што се одржа на кејот „Македонија“, посетителите имаа можност да дегустираат вина од реномирани домашни винарии, да уживаат во богата гастрономска понуда и разновидна музичка програма, која годинава обедини повеќе музички жанрови и изведувачи. Покрај спомнатите, настапија и Група Сарај, Дани Димитровска, „Меморија“, Броз и Марама, Ѓоко Ѓорчев, Куку Леле и Пауза за ракија.
Организаторите оценуваат дека и петтото издание ја оправдало репутацијата на фестивалот како една од најпосетените летни туристички и ено-гастрономски манифестации во Охрид, нудејќи уникатно доживување што ги спојува виното, храната, музиката и амбиентот покрај Охридското Езеро.
Фестивалот беше реализиран со поддршка на локални институции и партнери, како дел од летната туристичка понуда на градот, со цел промоција на македонските вина, домашната гастрономија и Охрид како атрактивна туристичка дестинација.
OhridNews
















