На 16 мај во спортската сала „Билјанини Извори“ во Охрид со почеток од 12:00 часот ќе се одржи престижниот Меѓународен бодибилдинг и фитнес натпревар „IFBB Herkules Grand Prix“ кој за првпат се сели од Скопје во Охрид.

Дополнителна тежина и престиж на овогодинешното издание му дава фактот што „IFBB Herkules Grand Prix“ е официјален светски рангиран настан (World Ranking Event) на IFBB, што значи дека натпреварувачите ќе освојуваат бодови за светската ранг-листа на Федерацијата.
Воедно, за првпат во Македонија ќе се одржи и професионална IFBB Pro категорија – Bikini Pro, што претставува историски момент за македонскиот бодибилдинг и фитнес спорт. Во оваа елитна категорија ќе настапат врвни професионални натпреварувачки од повеќе земји, а за најдобрите е обезбеден награден фонд од 3.000 евра. Годинава во Охрид се очекуваат околу 80 натпреварувачи од 16 земји, што уште еднаш ја потврдува важноста на настанот на меѓународната бодибилдинг сцена.

Официјален хотел за натпреварувачите е хотел Тино Свети Стефан, кој обезбедува поддршка и професионален однос во пресрет на сите организациски барања.
Картите за настанот веќе се пуштени во претпродажба и можат да се набават во Фитнес Фактори, ФитФорм, Тамаро 7 и кај Аждер во охридската чаршија. Цената на обичната карта во претпродажба изнесува 300 денари, додека ВИП билетите чинат 800 денари.
Со ВИП картата посетителите добиваат можност да седат во првите редови пред бината, да се фотографираат со шампионите во бекстејџ просторот, како и специјален ВИП третман со ордевери и пијалок. Организаторот апелира билетите да се обезбедат навреме, бидејќи цената на влез ќе биде повисока за 200 денари на денот на настанот.
За музичкиот и забавниот дел од програмата ќе биде задолжен DJ Face, кој ќе пушта музика од 11:00 до 12:00 часот, со што ќе го загрева настанот пред неговиот официјален почеток. Тој ќе биде задолжен и за музичката поддршка во текот на паузите за време на натпреварот, вклучително и паузата помеѓу аматерскиот и професионалниот дел од програмата, дополнително придонесувајќи за атмосферата во салата.
Дополнителна атракција за публиката ќе има во 16:00 часот, кога спонзорот Ad Astra ќе организира мини натпревар во склекови за посетителите, со обезбедени вредни награди за најсилните и најподготвените учесници.
Поминете еден поразличен, атрактивен и исполнет викенд, наместо секојдневните кафе-дружби по кафулињата, и бидете дел од вистински спортски спектакл, вели Бобан Наумоски.
Од настанот ќе има пренос во живо (live stream) на интернет што ќе го реализира Охридњуз.
OhridNews












