Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ е поканета да учествува на 41 седница на УНЕСКО која оваа година ќе се одржи во Краков, Полска од 2 до 12 јули. Иницијативата Охрид ЅОЅ е поканета во својство нанабљудувач и е единствен претставник од граѓанскиот сектор во Македонија. „Почестени сме што ја добивме поканата бидејќи таа е доказ и потврда за нашата работа, како и за меѓународното признание на Охрид ЅОЅ во полето на заштита на светското природно и културно наследство на Македонија“–изјави м-р Емилија Апостолова Чаловска, претставничката на Охрид ЅОЅ.

Пред одржувањето на седницата на УНЕСКО,на која, меѓу другото, ќе се разгледува состојбата на заштита на охридскиот регион, Охрид ЅОЅ учествува на Меѓународен форум за светско наследство во организација на World Heritage Watch од 30 јуни до 1 јули. Претставничката од Охрид SOS ја отвори конференцијата со својот труд и презентација.Студиите и извештаите кои се произведуваат како дел од активностите на WHW со цел обезбедување ажурирани и сеопфатни податоци од интерес за состојбата на локалитетите впишани во листата на УНЕСКО потоа се користат од страна на Комитетот за светско наследство и други одговорни тела на организацијата на Обединетите Нации.

Трудот сокој Охрид SOS ќе се претстави на Форумот е насловен Охридско Езеро: Светско културно и природно наследство под закана и во 15-минутно излагањеќе го презентира една од авторките, м-р Апостолова Чаловска.Трудот во целост е објавен во Извештајот на WHW за 2017 година и е доставен до делегатите на државите-членки кои ќе земат учество во работата на годинешната 41 седница на УНЕСКО.

„Со овој труд Охрид SOS ќе ја запознае светската јавност со опасноста во која се наоѓа охридскиот регион, недоволната заштита и идните развојни проекти кои сериозно го нарушуваат и загрозуваат како природното, така и културното наследство на овој локалитет од универзално, светско значење за човештвото“, изјави м-р Апостолова Чаловска.

Од Охрид SOS потенцираат дека нивното учество на Меѓународниот форум и на Седницата на УНЕСКО е од витално значење имајќи ја предвид реактивната мисија на УНЕСКО која беше остварена во април 2017, извештајот кој произлезе од оваа мисија и можноста за потенцијално впишување на охридскиот регион во листата на Светско наследство во опасност, што е само еден чекор од негово целосно бришење од листата на УНЕСКО.

OhridNews