Охрид и годинава со особена почит го одбележува празникот посветен на Свети Еразмо Охридски – чудотворецот чие име со векови е впишано во духовната историја на градот и поширокиот регион.

Во пресрет на празникот, бројни верници традиционално се упатија кон манастирот со малата пештерска црква во близина на Охрид, местото каде според преданието живеел светецот.

Со запалени свеќи, молитви за здравје и благослов, семејства, млади и повозрасни го продолжија обичајот што се пренесува од генерација на генерација.

Култот кон Св. Еразмо е еден од најсилните во охридскиот крај, а народот го почитува како заштитник и застапник пред Бога, особено на патниците и оние што бараат исцеление и помош.

Празничните чествувања започнаа со вечерна богослужба во манастирот посветен на Свети Еразмо, а утре, на денот на празникот, ќе биде отслужена света архиерејска литургија со која ќе чиноначалствува Митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј.

Фотографиите сведочат за атмосфера исполнета со вера, надеж и заедништво, слика која секоја година потсетува дека почитта кон Св. Еразмо останува жива и длабоко вкоренета во традицијата на охриѓани.

Г.М.