Македонската ракометна репрезентација, пристигна во Виена и одржувајќи полесен тренинг во малата сала се аклимитизираше на атмосферата во „Штад Хале“ арената каде ќе се игра една од четирите групи на Европското првенство. „Црвено жолтите“, на средбата со медиумите помеѓу кои беше и OhridNews ги искажаа очекувањата во пресрет на дуелот со Украина кој ќе се одигра утре (петок) во 20:30 часот.

Данило Брестовац – Искрено, можам да кажам дека подготвени сме за добар турнир. Во некоја нормала ја доведовме формата и со нетрпение го очекуваме првиот натпревар. Не дека е пресуден првиот меч, но е многу значаен поради атмосферата во селекцијата и паѓање на оној набој кој се чувствува. Против селекцијата на Украина очекувам победа која ќе не доближи до пласман во фазата по групи. Добро го имаме анализирано нашиот противник и мора да одиграме цврсто во одбрана и ефикасно во напад за да ги освоиме бодовите во групата. Ќе имаме голема поддршка од трибините. Запознаен сум дека голем број на македонци кои живеат во Виена и околината имаат карти и ќе бидат дел од натпреварите. Се надевам дека заедно ќе направиме една добра атмосфера која ќе ја крунисаме со победа. 

Филип Талески – Сите сакаме и очекуваме најдобро од нашата селекција, но наша задача ќе биде да одработиме најдобро што можиме. За мене ова е четврто големо натпреварување во серија и мислам дека јас, останатите помлади ракометари во комбинација со поискусните сме доволно зрели за еден добар успех. Групата е изедначена секој може секој да победи затоа ќе треба да одиграме три топ натпревари за остварување на целта-поминување на првата фаза. Притисокот последниве две три години беше голем. Во континуитет бевме прозивани од македонска спортска јавност што дополнително ни создаваше „проблеми“. Откако го сменав клубот ми се зголеми минутажата, ми се подигна самодовербата и сега многу полесно играм и верувам во добар настап на ЕП.

В недела на 12 јануари Македонија ќе ги одмери силите со Чешка, а на 14 јануари ќе се судри со домаќинот Австрија. Континенталниот собир се игра во Австрија, Шведска и Норвешка.

Михаил Постоловски