Две недели по катастрофалниот земјотрес кој предизвика разорно цунами, состојбата во Јапонија сеуште е драматична, вели охриѓанецот Адријан Битрак кого страотната несреќа го затекна во Токио. Најмногу загрижува ситуацијата во нуклеарната централа во Фукушима, каде десетици работници очајнички се обидауваат да воспостават контрола над оштетените реактори. Загрижувачко ниво на радијација  е измерено во водата за пиење и во храната од погодените реони, што  го зголеми стравот меѓу населението. Но за разлика од странците кои започнаа масовно да ја напуштаат земјата, јапонците сплотено и многу смирено се соочуваат со најголемата катастрофа во нивната историја, раскажува охриѓанецот Битрак.

Тлото под Јапонија не престанува да се тресе, а поради големите оштетувања на електро системот, во ноќните часови има рестрикција во јавното осветлување во милионскиот Токио каде животот речиси се одвива нормално, додава тој. Охриѓанецот кој од минатата година живее во Токио вели дека не размислува да ја напушти Јапонија, но внимателно го следи развојот на состојбата со нуклеарната централа во Фукушима.


Во земјотресот што на 11 март ја погоди островската земја животот го загубија 10000 луѓе, над 17000 се водат за исчезнати, а материјалната штета се проценува на околу 250 милијарди долари.

Горан Момироски