Ракометната репрезентација на Македонија, денеска, со почеток во 16 часот во „Штад Хале“ во Виена против селекцијата на Чешка го игра вториот натпревар на Европското првенство. „Црвено жолтите“, на премиерата ја совладаа Украина со (26-25), а победа во вториот дуел ќе им донесе пласман во главната фаза.

Македонија и Чешка не се непознати ривали и често се среќаваат на големите собири или во квалификациите. Последната битка им припадна на чесите, кои, со тесен резултат 25-24 славеа на Светското првенство во Хрватска минатата година.

  • Очекувам машки, груб дуел, можеби и нема да има многу голови. Голманите сметам дека пак ќе имаат клучна улога. Често играме против Чешка и добро се познаваме. Сигурен сум дека ќе ни треба подобро издание од натпреварот со Украина, за да ги совладаме. – изјави пивотменот Жарко Пешевски.

Чешка ќе нема друг избор освен победа во дуелот со Македонија за останување во игра за пласман понатаму, а нашата селекција со триумф ќе направи клучен чекор кон главната фаза.

OhridNews