Практикувајќи го новиот пристап на афирмација, промовирање и презентирање на Охрид како најпосакувана туристичка дестинација во регионот, и оваа година Општина Охрид учествуваше на најголемата туристичка смотра на Балканот, Белградскиот саем на туризам, на кој се претставија преку 1200 излагачи од целиот свет. На штандот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, општина Охрид ги промовираше природните, културни и историски знаменитости на градот.

Во текот на четирите саемски денови претставниците на општина Охрид преку видео презентација и печатен материјал пред посетителите и претставниците на туристичките организации, туроператори и  туристички стопанственици од регионот  ги презентираа  најновите информации за актуелната туристичка понуда на Охрид  и ги споделија потребните информации со потенцијалните гости и партнери.

Секторот за туризам и локален развој и овој пат во рамките на саемските денови, ја реализираше туристичко-промотивната манифестација „Охридска вечер и охридски денови“.  Промотивната вечер и гастрономските охридски денови овој пат се реализираа во партнерска соработка со македонското здружение “Кочо Рацин” од Белград и ресторанот „Венеција“ во Земун.

Во текот на четирите денови од промотивната кампања во ресторанот „Венеција“ се подготвуваа традиционални охридски специјалитети,  а охридското мени наиде на голем интерес кај мештаните, минувачите и гостите.

Забележан беше голем интерес кај посетителите на саемот и охридската вечер , особено кај новинарите и репортерите од различни медиуми. Ваквиот промотивен микс се очекува високо да го позиционира Охрид на мапата на најпосакувани туристички дестинации во регионот, велат од локалната самоуправа.