Денеска во организација на Градската библиотека и читалница во Котор, Црна Гора во Мултимедијалната сала на Културниот центар „Никола Ѓурковиќ“ ќе се претстави НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид.

Публиката ќе има можност да се запознае со животот и делото на Григор Прличев, поетот и преродбеник од XIX век, но и со богатото книжевно наследство кое грижливо го чува Библиотеката во Охрид. Посебно внимание ќе привлече претставувањето на Пчињското евангелие, редок ракопис од XVI кое сведочи за богатата пишана и духовна традиција на Охрид. Настанот ќе биде прилика за претставување на Охрид и како град со посебна културно – историска вредност, познат по богатото наследство и единствената убавина. Акцент ќе биде ставен на пријателските врски Охрид и Котор, градови побратими кои ги поврзува статусот на локалитети запишани во УНЕСКО, велат од Библиотеката.

Претходно, потенцираат, директорките на ЈУ Културен центар „Никола Ѓурковиќ“ и на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Радмила Радуловиќ и Христина Трпеска ќе потпишат Меморандум за соработка.

Во текот на работната посета на Црна Гора делегацијата од Библиотеката ќе ги посети и двете библиотеки во Цетиње а ќе има и други средби.

Овој меѓународен проект е дел од Годишната програма за работа за 2026 година финансиран со средства од македонското Министерството за култура и туризам.

OhridNews