Креативен обид Охрид да се прикаже не само како град на минатото, туку и како град што има своја уникатна иднина, град што памети, сонува и создава нови преданија, е направен во книгата „Охридски преданија од иднината“ од проф. д-р Анис Сефиданис која денес беше промовирана во Прличевата одаја на Библиотека „Григор Прличев“.

Ова е продолжение на проектот кој го нарековме „Охридски преданија од иднината“. Всушност обид да се создаде научно-футуристички роман инспириран од културата на градот Охрид, каде што се разработуваат секојдневни теми со кои се соочуваат граѓаните од екологија, здравство, образование, во призма на визии за иднината кои се потпомогнати од современите технологии. Таму вештачката интелигенција, роботиката, холограмите живеат заедно со охриѓани и наоѓаат креативни решенија за предизвиците кои ги носи времето. Ова е втор дел од проектот кој е поддржан од Култура Охрид со цел да се материјализира во печатено издание на два јазици, паралелно на македонски и на англиски. Со тоа правиме и промоција на нашиот јазик, и воедно промоција на градот Охрид, не само како една културна престолнина, каде што може да се понуди богата историја, но во исто време и да се понуди визија за иднината на човештвото, и да кажеме дека Охрид не само што памети, туку знае и да сонува, вели Сефиданис.

Ова може да се нарече и една нова форма на авторство на 21-виот век, каде што луѓето и роботите заедно кокреираат. Концептот или идејата е човечки, но потоа графиките кои можат да се најдат во збирката раскази се создадени со помош на вештачка интелигенција, каде што внимававме стилот да биде репликабилен од човек. Да може да се научи, не само јазик, туку да се научи стилска изразна форма во уметнички аспект на сликите кои се претставени таму, додава Сефиданис.
Павел Тасков, кој работел на книгата заедно со професорот Сефиданис како уредник и во техничка изведба на целиот проект, вели дека му се допаѓа целиот формат, сликите коишто се директно поврзани со тоа што се случува на страната, самата двојазичност и целата таа длабока култура што е сплетена низ сите приказни и низ самата цела книга.
Мене лично ми беше големо задоволство како човек што има завршено роботика факултет да работам на книгата. Сепак секогаш сум ја следел и вештачката интелигенција заедно со професорот и баш е добро да се види што сè е возможно, во кои делови помага, а во кои делови сепак не може нашиот вкус да го замени. Сепак во тоа многу го ценам и професорот и во неговите избори и во целата визија што ја има за Охрид во иднината. Книгата би ја препорачал бидејќи мислам дека во денешницава ни фали таа позитивност, тие соништа за едно подобро утре, таа визија за подобар иден свет. Оваа книга е полна со такви приказни, со 15 приказни, со нашите најдобри места во градот и најдобрите наши страни за идна култура, додава Тасков.
Инаку, книгата е замислена и како културен сувенир, промотивен материјал и книжевен мост меѓу Охрид и меѓународната публика и истата ќе биде достапна во библиотеката „Григор Прличев“ како и низ книжарниците во градот Охрид и државата.
Н.С.Ј.














