„На патот кон нашето евроатланско интегрирање, Сојузна Република Германија е традиционален и докажан пријател на Република Македонија, а државата Бранденбург – сигурен партнер во изградбата на модерна и професионална македонска полиција“, ова денеска на свеченото отворање на 12 – от циклус „Охридски разговори”, го истакна помошникот министер за внатрешни работи Сали Рамадани.

Тој  нагласи дека како резултат на редовните билатерални средби во досегашниот тек на соработката, утврдена  е одредена правна рамка за развивање на таа соработка која ја вклучува Заедничката декларација за соработка, продолжување и интензивирање на размената на искуства на полето на заштитата од пожари и катастрофи меѓу Ценатрот за управување со кризи на РМ и МВР на Бранденбург, но и Меморандумот за разбирање меѓу македонското МВР и МВР на покраината Бранденбург за соработка продолжување и интензивирање на размената на искуства.

Како што рече Рамадани, токму во овој документ – Меморандумот за разбирање потпишан во Потсдам во 2008 година, ја означува заедничката желба да се интензивира дијалог во размена на искуствата во рамките на овие „Охридски разговори”.

Од тие причини годинава како домаќини на 12- от циклус “Охридски разговори”, посакавме и побаравме проширување на соработката и на други ресори со намера, да обезбедиме посеопфатни презентации во смисла на начинот на постапување и овластувања на МВР но и на други институции во рамки на јавната администрација со кои имаме преклопување или слични надлежности во одредени сегменти.“ – рече Рамадани.

Во своето пригодно обраќање, Ралф Холцшуер, министер на  МВР на германската покраина Бранденбург, ја истакна соработката што полицијата на германската покраина Бранденбург  ја има со македонското МВР.

“Охридските разговори” се извонредна можност за размена на искуства меѓу претставниците на полициите од двете земји и ја искажа целосната подршка на Република Македонија на патот кон Европската Унија.“ – рече Холшуер.

Според него, „Охридските разговори” ќе помогнат да се издигне соработката со Бранденбург на уште повисоко ниво, но и реализација на конкретни проекти во справувањето со различни облици на криминал.

Инаку, меѓу темите на дискусија во рамки на 12 циклус „Охридски разговори“ се “Стратегии за компјутерска безбедност”, “Опасност од кражба на идентитет и сајбер напади врз економијата и како да се реагира”, “Откривање сомнителни финансиски трансакции”, “Илегален трансфер на финансии”.

Исто така, полициските експерти ќе дебатираат и по темите “Радикализација која води кон тероризам”, “ситуацијата во западен Балкан и нејзиното влијание за терористичка закана во рамките на ЕУ”, “Медиумска реалност- активности на деца и младина”, “Злоупотреба на социјалните мрежи” и др.

OhridNews