Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид во првите шест месеци од годинава опслужил 122.638 патници, што претставува раст од 18,2 проценти во однос на истиот период лани, покажуваат податоците на ТАВ Македонија.

Во истиот период од охридскиот аеродром биле реализирани 907 летови, односно 26 проценти повеќе споредено со првата половина од минатата година.

Во периодот од јануари до јуни, двата македонски аеродроми со кои концесионира ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на АДП Групацијата, опслужиле вкупно 1.955.648 патници, што претставува раст од 28% во однос на истиот период минатата година.

Во истиот период биле реализирани 13.167 летови од двата аеродроми, односно 7,6% повеќе споредено со првите шест месеци од 2025 година.

Само во јуни, скопскиот и охридскиот аеродром заедно имале за 15,6% повеќе патници (374,714) во однос на истиот период лани.

Растот од 28% на бројот на патници во првите шест месеци од 2026 година претставува извонреден резултат и јасна потврда дека македонските аеродроми се наоѓаат на патека на силен и одржлив развој. Во воздухопловната индустрија, двоцифрен раст на патничкиот сообраќај е показател за успешна стратегија, зголемена доверба од патниците и атрактивност како дестинации за авиокомпаниите, вели Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Фактот што Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид заедно опслужија речиси два милиона патници за само шест месеци, истовремено бележејќи и раст од 7,6% на бројот на летови, вели, е резултат на посветеноста за развојот на воздушната поврзаност, континуираното унапредување на услугите и успешната соработка со партнерите.

Остануваме фокусирани на создавање нови можности за раст, проширување на мрежата на дестинации и обезбедување квалитетно патничко искуство, со цел македонските аеродроми да продолжат да ги надминуваат очекувањата и во наредниот период, додава Курт.

Полугодишните статистички податоци на ТАВ Македонија покажуваат дека во првите шест месеци најфрекфентна дестинација од Меѓународниот Аеродром Скопје е Истанбул (двата аеродрома ИГА и Сабиха Гокчен со 14,2% пазарен удел), а потоа следат Минхен Меминген (4,5%), Базел Милуз (4,4%), Дортмунд (4,1%), Цирих (4%) и Франкфурт (3,9%).

Топ-пет земји до кои има најмногу директни летови од Скопје се Германија (28,5% пазарен удел во вкупниот патнички сообраќај), Турција (18%), Швајцарија (9,3%), Италија (8,2%) и Шведска (5,8%).

Скопскиот аеродром има годишен висок пораст за 28,6% и во првите шест месеци годинава преку него се превезени вкупно 1,833,010 патници. Во истиот период, на овој аеродром биле реализирани 12,260 летови што е за 6,5% повеќе споредено со истиот период лани.

 

OhridNews