Охрид е  расадник на уметници, чии дела ги пленат срцата на луѓето ширум светот. Ако копаничарството во изминатите децении претставуваше занает во изумирање, Охрид може да биде горд што старата традиција се одржува и во модерната епоха на живеење. Дел од „вината“ за продолжување на оваа традиција сноси старата охридска школа за дрворез. Таа е затворена во далечната 68-ма година, а оттогаш до денес, копаничарството како занает се пренесува преку искуствата на старите мајстори.

Веќе 12 години, вредните раце на нашиот сограѓанин Стефан Фармаковски, успеваат да го воскреснат дрвото во вистинско ремек дело.

Заедно со сопругата, веќе 12 години го работиме овој занает. Почетоците се сосема спонтани. Гледајќи ги резбите на охридските мајсотри, ни дојде идеата да создадаме нешто. Започнавме кај нашиот комшија, кој е познат охридски резбар. Успеавме во нашата намера, и ете повеќе од една деценија работиме како тим.“ – вели  Стефан Фармаковски.

Инспирацијата за овие ремек дела, Фармаковски ја црпи од христијанските мотиви кои најчесто се застапени кај копаничарите.

При избработката на икони мора да се запазат некои канонски правила. Понекогаш инспирацијата доаѓа сосема спонтано. Самото дрво укажува што треба да нацрташ. Најчесто ги изработувам христијанските светци во форма на ликовни скулптури. Покрај нив, застапени се мотиви од охридскиот крај, како  грозје и желади, а  ги опфаќам и рајските птици.“ – додава Фармаковски.

Алатите кои се потребни за рачна изработка на овие дела, се глетата, дрвен токмак и работна маса. Процесот започнува со цртање скица, која се отсликува на празното дрво. Времетраењето на целокупната изработка, зависи од многу параметри, почнувајќи од сталоженоста па се до расположението.

Откако ќе ја нацртаме скицата на дрвото, започнува грубата изработка каде се исфрла вишокот на материјал. Потоа следи процес на финеса на ликот. На крајот, делото се премачкува со специјални лакови на природна база, како би се заштитило од надворешните фактори. Доколку дрвото е добро заштитено, векот на траење достигнува до 1000 години. За едно вакво дело, во зависност од многу услови потребни се од 10 дена па до неколку месеци.“ – истакнува Фармаковски.

Најзначаен дрворез кој е излезен од Ателјето на фамилијата Фармаковски е „Тајната вечера“. Ова дело, за многу копаничари претставува предизвик, ако се знае фактот дека мотивот опфаќа изработка на 13 ликови.

За сите занаетчии од оваа област, „Тајната вечера“ претставува најголемиот предизвик. Ја изработивме по нарачка за далечната Австралија. Покрај ова дело, имаме изрботено огромен број на икони. Исто така, ние сме организирани во друштвена тајфа од 7-8 резбари. Работиме на различни проекти, од кој последниот беше изработка на иконостас за Австралија, обработуван околу една година. Во него се опфатени разни христијански мотиви, флора, фауна па се до барокни стилови.“ – истакнува Фармаковски, кој оваа година во соработка со Регионалната занаетчиска комора, на фаќачот на чесниот крст му додели рачно изработен крст.

За копаничарството во глобала, Фармаковски смета дека постои голем интерес не само кај охриѓани, туку и кај бројните туристи од странство.

Занаетот е доста ценет. Не посетуваат гости од соседните, но и од европските земји. Нашиот дуќан веќе една година се наоѓа во централното градско подрачје, а заинтересираноста е голема. Ме радува фактот, што се повеќе млади пројавуваат интерес за дрворезот.“ – потенцира нашиот сограѓанин.

Во идниот период, од ателјето на фамилијата Фармаковски, ќе бидат изрботени уште бројни ракотворби.

Сега, работиме на икони, кои ги подготвуваме за сезоната која доаѓа. Се надевам дека  во иднина, мојот постар син ќе го наследи занаетот, бидејќи до сега самиот изработил неколку свои дела.“ – завршува охридскиот копаничар Стефан Фармаковски.

Инаку, карактеристични за охридскиот регион се трите видови на резба, кои заедно го сочинуваат охридскиот стил на творење. Тоа се плитката или 2-димензионална, длабоката или 3 – димензионална и скрозираната резба.

О.Т.