15 години успешна хуманитарна и културна приказна ткае охридскиот лајонс клуб „Лихнидос“. Формиран во 2009 година од група ентузијасти со хуманитарна нитка, но, и со цел да се тргне „слепилото“ во општеството, да се вратат вредностите на живеење, вниманието на луѓето да се насочи кон вреднување на културата и уметноста.

Кон крајот на првата деценија од двеилјадитите, првпат се појави приказната дека може да се организира некакво движење поврзано со светскиот тренд на хуманитарни, невладини организации. Стануваше збор прво за Ротари, па за Киванис и на крај се појави на нашево подрачје лајонизмот како движење со цел да се промовира хуманоста од одредена категорија луѓе кои се успешни во својата кариера, во општественото живеење, кои оставиле некаква трага, а со цел да им се помогне на оние кои имаат помалку среќа во животот отколку што имале тие, вели д-р Диел Аголи, еден од основачите и најстари членови на Лајонс клубот Лихнидос, инаку познат хирург и хуманитарец.

Многу луѓе можеби имаат и можности и знаење и се, но немаат среќа да им се исполнат плановите и желбите. Идејата беше такво едно здружение да направи максимални напори со своите можности од аспект на лобирање, економската јачина што ја имаат одредени членови на клубот, да им се помогне на луѓе кои се помалку среќни. Конкретно во Охрид клубот го формираа група од седум ентузијасти кои претходно членуваа во првиот лајонс клуб во градот кој се викаше Лајонс клуб Охрид и од тој клуб се развија неколку други, меѓу кои и Лајонс клубот Деница, Лајонс клуб Десарети и Лајонс клуб Лихнидос. Еден од основачите сум и јас во 2009 година и сум убеден дека иако најмлади оставивме најдлабока трага во лајонизмот во градот со идеја да помогнеме максимално на сите можни категории на луѓе, истакна Аголи.

Д-р Диел Аголи – Лајонс клуб „Лихнидос“ Охрид

Лајонизмот е основан пред повеќе од 100 години во Чикаго, САД, од страна на Мелвин Џонс, кој бил еден од побогатите луѓе во тоа време и со своите пријатели богаташи се одлучил да им помага на сиромашните луѓе поготово во време на големата криза во Америка, а идејата на што да се посветат ја дала Хелен Келер која за жал била слепа, но со голема желба да помага и да покаже дека и слепите имаат свое место во општеството и можат многу да придонесат, па се одлучиле да бидат „Витези на слепите“ од каде и доаѓа името на клубот.

Нашиот клуб се одлучи да продолжи да се занимава со хуманитарна дејност, но пред се да ја помагаме уметноста. „Слепилото“ јас лично го сфатив како општествено слепило, не буквално слепило, со оглед на годините во кои живееме, на трансформација и транзиција. Се покажа дека ги изгубивме сите можни вредности на живеење, заборавивме што е уметност, наука, изгубивме чувство дека тие позитивни вредности треба да ги вратиме во општеството, а соочени со тоа дека младите се се’ повеќе таа генерација која пред компјутер ќе ги добие сите можни информации. Да оставиме печат во градов и низ регионов со значајни настани. Имаме фантастичен инспиратор проф. Зоран Тунтев, член на нашиот клуб, кој е максимално ангажиран и ги наоѓа тие добри моменти, вели д-р Аголи.

Враќање кон културните вредности

Негувајќи ја идејата на основањето Клубот низ изминативе 15 години има реализирано бројни проекти насочени кон негување на културните вредности.

На почетокот на основањето бевме насочени да го обновиме охридскиот театар кој живееше во 1954 година и во меѓувреме за жал се изгуби. Претставата која ја одиграа Горан Стојаноски и Јасмина Билаловиќ насловена „Граница“ ние ја протежиравме и официјално ја поставивме во Домот на културата. Така и почна нашето дружење со актерите и помагањето на идниот театар. Помагавме во детски претстави и околу три години на разни начини помагавме околу финансирањето на театарот и на крај лобиравме во градот и во државата тој да се институционализира. Првична беше идејата да биде Градски театар Охрид, но на крајот испадна Народен театар Охрид. Оттогаш имаме добри односи со сите актери и се обидуваме да им се најдеме, додаде Аголи.

Со цел да го тргнеме метафорично „слепилото“ кое не прати, вели, се одлучиле, да ги разбудат луѓето со акции за големи луѓе и настани, од историјата, меѓу кои е и таа за одбележување на делото на Михајло Пупин како еден голем научник, со потекло од нашите краишта.

Поставивме негова плоча под камбанаријата во црквата Св. Богородица Перивлепта, бидејќи тој е еден од донаторите на таа камбанарија. Пред неколку месеци се одбележаа 100 години од неговото упокојување и во таа насока имавме акции за одбележување на денот. Беа одбележани и 500 години Леонардо Да Винчи со ретроспектива на негови дела во црквата Св. Богородица Перивлепта, 250 години Бетовен за да знаат луѓето дека тој беше еден од најголемите музички умови и доаѓаме до нашиот Вангел Наумовски како лајт мотив во одбележувањето на 15 годишнината на Лајонс клубот Лихнидос која е во знакот на 100 годишнината од неговото раѓање. Направен е голем мурал во негова чест, а покренавме и иницијатива до Општина Охрид плоштатчето кај мини маркет да го носи неговото име. Ова се само дел од активностите кои ги реализираме во обид да ги разбудиме луѓето да не сме веќе „слепи“, да се вратиме на културните вредности.

Секој лајонс клуб е клетка за себе и живее за себе

Најважната работа, вели д-р Диел, за лајонизмот е што секој клуб е клетка за себе и живее за себе. Во лајонизмот сите припаѓаат на Дистрикт 132, број под кој се води Македонија во Чикаго каде се наоѓа центарот на лајонизмот. Клубот Лихнидос има 22 активни членови и уште толку помагачи, што значи поранешни или идни членови. Многу луѓе, вели, не сакаат да се експонираат дека помагаат.

Лајонизмот во Македонија има преку 1000 членови, преку 25 клубови, меѓу кои е и нашиот, но суштината е без оглед на нашите меѓусебни комуникации и обиди за помош, секој клуб живее и работи за себе, ги има своите акции и својот поглед на свет. Мислам дека ние се испрофилиравме и работиме на тоа што работиме. За другите, ќе си го најде секој своето место под сонцето. Некој прави поголеми акции, некој помали, битно е луѓето да бидат концентрирани дека главна мисија им е да се помага на тие кои се помалку среќни и помалку експонирани во општеството, посочува д-р Аголи.

Волонтерска организација, но со лобирање и до значајни законски решенија 

Во нашето општество, вели Аголи, невладините организации се поврзуваат со разни етикетирања,  елитистички друштва, луѓе кои сакаат од тоа да профитираат, соросоидни друштва… Нашите акции, потенцира, се базирани колку што е можно на обезбедување материјални добра и материјални средства за луѓето на кои тоа им е потребно, што членовите од клубот ги даваат од свој џеб, но и на лобирање за одредени работи во институциите во системот.

Со помош на нашиот член адвокат Драги Николоски во рамки на нашите големи акции и видувања на иднината за безбедноста во сообраќајот за децата до Владата испративме и веќе е стигнато барање сите ученици во основните училишта да носат флуоресцентни елечиња. Направиме една година ваков обид во училиштата и сите се обврзаа дека ќе ги носат, но елечињата не се сочуваа за да се пренесат генерациски. Сега мислиме ако биде тоа преточено во законско решение ќе може да продолжи оваа акција. Уште една работа за која лобиравме и се надеваме дека ќе помине во Влада е да се инвестира во сите локални самоуправи за патеки за слепи лица. Луѓето со бели стапчиња да можат да бидат туристи. Почнавме од Охрид каде се прават разно разни тротоари. Во рамки на таа инвестиција е да се обележат траки за слепи лица. Верувам дека и тоа ќе биде излобирано за да можеме да сметаме дека сме направиле општествено полезна работа за луѓето чии заштитници сме, истакна Аголи.

Годишно во изминативе 15 години се реализирани од пет до седум проекти кои се значајни, некои од нив и опстојуваат низ годините.

Клучна работа за оваа календарска година е да го одржуваме тоа што го направивме како клуб, а е идеја на професорот Тунтев, осветлувањето на сакралните објекти во градот кои се во служба на убавината и знаменитоста. Лобираме тоа да го преземат институциите, односно да се изнајде соодветно одржливо решение затоа што се работи за јавно добро и јавен интерес, вели д-р Аголи.

Потенцира дека имаат соработката со младинските организации, иницијативата „5 до 12“ и „Чист Охрид“, како и потпишано меморандуми за соработка со Општина Охрид и Општа болница Охрид.

Овие меморандуми се знак дека институциите и системот не прифаќаат како рамноправни партнери, потенцира Аголи.

Со изложба посветена на Вангел Наумовски и театар ЛК Лихнидос одбележа 15 години постоење

Петнаесеттиот роденден ЛК Лихнидос го одбележа со културен хепенинг кој се одржа вчеравечер во Центарот за култура „Григор Прличев“, во рамки на кој се одржа изложба на дела од Вангел Наумовски посветена на 100-годишнината од неговата раѓање. За Вангел зборуваа уметници, ликовни критичари, историчари, новинари, пријатели, познаници, општествено истакнати личности и членови на неговото семејство. Сите го истакнаа значењето на големиот уметник.

Идејата е да се потсетиме дека имавме фантастичен уметник од нашиот град кој доби место во сите енциклопедии и кој имаше прилика да се презентира пред славниот Салвадор Дали. На изложбата беа претставени плакати за самостојните изложби на Наумовски низ светот, како и едно оргинално уметничко дело со цел да се види неговата генијалност. Се надевам дека ќе имаме можност низ овој настан да ги протежираме и идните уметници, како Јордан Манасиевски, Јонче Симонче, Славко Упевче, а имаме идеја да ги промовираме и нашите професори по ликовна уметност чии дела оставиле трага на луѓе кои се бават денес со уметност. И се надевам дека нема да ги заборавиме и ќе направиме нешто добро за сите нив. Поводот со Вангел Наумовски беше да ги истакнеме локалните вредности и да покажеме дека имаме нешто домашно а светско, рече д-р Аголи.

На културниот хепенинг на кој присуствуваа голем број гости од сите области на општественото живеење, се обрати градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков кој обзнани дека локалната самоуправа со задоволство ја прифаќа иницијативата за именување на поштадот кај мини маркет во плоштад „Вангел Наумовски“, со што овој простор ќе добие една нова димензија. Иницијативата, рече Пецаков, ќе биде проследена до советот кој треба да ја официјализира.

На хепенингот извонреден настап имаа хорот „Вокс Лихнидос“ и Охридски музички еснаф, откриена беше пригодна плоча посветена на соработката на ЛК Лихнидос и охридскиот театар кој во рамки на свеченоста ја изведе театарската претстава „Секс, лаги и љубомора“, која заврши со неколкуминутни стоечки аплаузи и овации од присутната публика, што само говори за исклучителниот актерски потенцијал и талент кој го има оваа културна установа.

Присутните на хепенингот имаа можност да пробаат прекрасни вина од охридското поднебје од винариите “С&С” и “Monastery Winery”, а јубилејот беше прославен со забава во “Кадмо бар” на која настапи бендот “Urban Planet”.

Н.С.Ј./Г.М.
Фото: Бобан Стојаноски