Охридскиот рамковен договор постигна мир кој овозможи развој на демократијата и мултиетничко општество кое денес е пример во светот, истакна претседателот Ѓорге Иванов во обраќањето пред учесниците на Конференција по повод 10-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, што се одржува во Охрид.


Тој  посочи дека Охридскиот рамковен договор беше основа за измени во Уставот, легислативата, децентрализацијата на моќта, правичната застапеност во државната администрација, обезбедувањето образование на мајчин јазик, употребата на јазиците, изразувањето на идентитетот.

– Оттогаш достигнавме едно ниво на поголемо разбирање, почитување и толеранција за разликите. Во изминатите години, исполнувајќи го сето она што произлезе од Рамковниот договор ги исполнивме и критериумите за членство во НАТО и подготвени сме за отпочнување на преговорите со Европската унија. Но, во процесот на тоа евро-атлантско приближување станавме носители на уште една вредност – модел кој се стреми да интегрира, а не да асимилира, рече претседателот Иванов.

Тој притоа нагласи дека македонскиот модел има двојна улога – се јавува како инструмент со кој се обезбедува довербата на граѓаните во државата и нејзините институции, нејзините симболи, но и како основа за градење и развивање на меѓуетничката доверба. При тоа, рече тој, толкување мора да ја изразува изворноста на намерите и договореното пред десет години.

– Потребно е секогаш да ја имаме предвид унитарноста и кохезивноста на државата. Потребно е да внимаваме на правата на граѓаните и на фактот дека ниту едно колективно право не смее да ги загрози индивидуалните права, додаде Иванов, посочувајќи дека Охридскиот рамковен договор не треба да се толкува во зависност дали некој е на власт или во опозција.


Според Иванов македонските граѓани покажаа висока демократска зрелост и не дозволија да бидат манипулирани, а манипулаторите, како што рече, се виде како поминаа на избори.

– Во таа смисла, особено е важно тоа што спроведувањето на обврските кои произлегоа од Охридскиот рамковен договор беше клучна задача на нашиот европски и евроатлантски пат. Сега, кога тие обврски се исполнети, граѓаните на Република Македонија со право очекуваат вреднување на спроведеното. Но, наместо Македонија да биде наградена, се повеќе се чини дека е казнета, смета претседателот Иванов.

Вицепремиерот задолжен за спроведување на Рамковниот договор Муса Џафери рече дека Охридскиот рамковенм договор се толкува различно во овие 10 години. За едни тоа е  меѓународна мировна спогодба, а за други компромис за прекинување на конфликтот, но според него  тоа е спогодба која и обезбеди иднина на Република Македонија,  која кажа НЕ на поделбите  и ДА за толеранција , соживотот и интеграција на сите етнички заедници.

Според американскиот државен потсекретар Филип Рикер, дилемите околу Охридскиот рамковен договор треба да се остават на страна,  а  Македонија да почне да гледа напред во иднината. „Доклолку таа се евроатланстките интеграции треба да се направи се’ за да се постиигне целта“, подвлече Рикер.


На Конференцијата беше истакната големата улога на покојниот претседател Борис Трајковски, кој како што кажаа учесниците, бил еден од главните двигатели да се постигне Договорот, но и да се имплементира. Олеснувачот Џејмс Пердју истакна дека заложбата на претседателот Трајковски за брза интервенција на меѓународната заедница придонела да се спречи 5-та војна на Балканот.

Покрај поранешниот претседател Трајковски меѓу живите од потписниците на Охридскиот рамковен договор не е и Имер Имери кој го парафираше својот потпис во име на партијата ПДП на чие чело се наоѓаше во 2001. На Конференцијата во Охрид од разни причини не присуствуваат ниту преостанатите потписници, Љубчо Георгиевски претседател на Влада и лидер на ВМРО ДПМНЕ во 2001 година, Арбен Џафери-почесен претседател на ДПА и Бранко Црвенковски – СДСМ.

OhridNews