Вредни награди и признанија за Охридските бреинобреин генијалци на 8-от Интернационален Бреинобреин натпревар кој се одржа на 26-ти ноември во Дубаи, Обединети Арапски Емирати. Во конкуренција од 2000 натпреварувачи од шестнаесет земји 6 деца кои ја следат Бреинобреин програмата во охридскиот Центар за развивање на животни вештини при Црвен крст Охрид освоја два трофеи, три златни медали и еден сребрен медал, беше истакнато на денешната прес конференција.

  • Освоив прво место на натпреварот, имам завршено десетто ниво. На тестот имаше задачи со множење, делење, собирање трицифрени броеви и собирање и одземање на децимални броеви, вели Софија Трпоска.
  • На овој натпревар освоив прво место, трофеј. Завршив десетто ниво од програмата и за трите минути решив десет задачи. Не беше многу тежок тестот, но сепак беше потежок, вели Ана Тодороска
  • Освоив второ место златен медал и решив девет задачи, не беа тешки и лесно се снајдов, вели Филип Цветкоски.
  • Првпат учествував на натпреварот во Дубаи со физичко присуство, решив десет задачи од тестот. Беше многу убаво, задачите не беа многу тешки, вели Стефан Настески.

Во групата од шест деца кои беа дел од натпреварот и се закитија со награди беа и Давид Јанкоски и Наум Каневче, а под палката на тренерите Билјана Николоска и Христина Кузманоска и координаторот и инструктор во програмата Валентина Кузманоска која беше со генијалците во Дубаи.

Кузманоска вели по третпат учествуваат на овој меѓународен натпревар. Првиот бил во 2015 година, па повторно во 2018 година, а за време на Ковид пандемијата учествувале на онлајн интренационалните натпревари и сега повторно земале учество на осмиот Интернационален натпревар со физичко присуство.

Учествуваме со шест ученици во три категории. Три деца се со завршена програма десетто ниво и три со завршено осмо ниво. Учествуваме во делот на натпреварот на триминутно решавање на задачи од ментална аритметика и се вративем со освоени два трофеи, три златни медали и еден сребрен медал. Се вративме со големи импресии и впечатоци од самото учество таму, затоа што навистина високо котираме во однос на останатите центри на светско ниво, додава Кузманоска.

Помошта и посветеноста на родителите ни е многу важна посебно при изучување на првите нивоа од самата програма, вели Билјана Николоска, додавајќи дека преку програмата децата учат како да визуелизираат, како да се тимски играчи, но и тоа дека секоја личност е посебна и единствена и за да бидат најдобри треба да се натпреваруваат сами со себе и за понатамошен успех мора да се подобри утре од тоа што биле вчера.

Успехот на овие ученици би бил невозможен доколку ја немавме нивната мотивација и волја за да учествуваат на овој натпревар, а и на сите останати натпревари. Многу ни значи и поддршката од родителите, бидејќи ако ја немавме нивната поддршка и вербата во програмата децата немаше да стигнат тука кај што се. Без работа и вежбање успех нема. Овие деца навистина заслужуваат едно големо признание пред се поради нивната посветеност кон самата програма, како и волјата и ентузијазмот што го покажуваат кога се работи за решавање со Абакус, додава Николоска.

Инаку, Програмата Бреинобреин, беше потеницрано на прес конференцијата се реализира во 44 држави и опфаќа околу 100 илјади ученици во самата програма, а важи за една од најдобрите светски програми наменета за развој на животни вештини, мозочниот потенцијал, концентрација, визуелизација, имагинација, креативни способности, лидерски способности, како и поттикнување на самодовербата.

Н.С.Ј.