Охридските Бреинобреин генијалци повторно најдобри на петтиот Национален натпревар што се одржа на 19-ти март во Скопје. Во конкуренција од 600 натпреварувачи од 10 центри во Македонија, 66-те учесници од центарот за развивање на животни вештини БОБ-Црвен крст Охрид се вратија со најголем број освоени награди-30 трофеи, 23 златни и 5 сребрени медали.
– Со ваквите постигнати резултати охридскиот центар е прв во Македонија со што се повторува минатогодишниот успех. Сето тоа се должи на големата посветеност на самите инструктори, на големата амбиција и желба на децата да научат, како и на големата помош од родителите. Нашиот центар е добитник и на единствената меѓународна Награда за посветеност и имплементирање на Бреинобреин програмата во Македонија и регионот, потенцира претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.
Натпреварот се одржал на две локации во Скопје, а се состоел од два дела- три минутно решавање на тест со помош на ментален абакус и математичка сметалка.
– Децата решавајќи го тестот ги покажаа своите стекнати вештини и способности посетувајќи ја оваа Бреинобреин програма. Вториот дел беше составен од демопрезентации-кога учесниците беа организирани во тимови и заедно со своите тренери учествуваа во различни активности-истовремено играа, пееја, собираа, одземаа, множеа и делеа броеви, објаснува Христина Кузманоска, тренер инструктор во БОБ Охрид.
Успехот на охридскиот центар е уште поголем поради фактот што нивен седумгодишен учесник освои најголем број поени на ниво на Македонија.
– Големо е задоволството за постигнатите резултати, речиси сите наши ученици добија награди и сите ни честитаа за наградите. Драго ни е што ја добивме и Наградата за посветеност и имплементирање која многу ни значи за да не поттикне и понатаму најпрофесионално да продолжиме со реализирање на оваа програма, вели Валентина Кузманоска, координатор и инструктор.
Тренерите уште еднаш ја потенцираа неопходноста од поддршката на родителите што секако придонесува кон постигнување на што повисоки резултати.
– Сиот овој успех на децата би бил невозможен ако не беше присутна нивната мотивација и она што особено не прави горди е поддршката и упорноста на родителите. Ова е процес во кој тренерите ги насочуваат децата и голем удел имаат родителите кои им помагаат, од големо значење е тоа колку децата вежбаат дома во текот на денот, а придобивките можат неограничено да ги користат, изјави Билјана Миленкоска- тренер во БОБ Охрид.
Од центарот за во месец мај најавуваат Демопрезентација која ќе биде отворена за сите граѓани на која децата ќе се претстават со своите вештини за истовремено вршење на повеќе активности.
Т.К.













