Екипаж на охридскиот јахтинг клуб „Акватика“ во состав Дарко Соколовиќ, Никола Барак и Будимир Соколовиќ, придружувани од уште еден колега од Скопје, имаше забележително учество на престижната и исклучително тешка едриличарска регата „Јабука“, што се одржа неодамна во водите на немирното Јадранско Море. Четиричлениот екипаж 24-часовната авантура ја започна од Водице, мало место покрај Шибеник, Хрватска, и во тешки услови доплови на целта пласирајќи се во средината на табелата, во конкуренција на стотина екипажи.
Во ноември кога туристичката сезона веќе е завршена, во Хрватска се организираат бројни регати, а „Јабука“ е најекстремната и најтешката меѓу нив. Долга е околу 200 километри и се плови од Шибеник до еден од најодалечените острови Јабука, кој е некаде на половина пат до Италија. Се плови околу 24 часа и затоа бара подготвен тим, со знаење и искуство на пловење, особено на море, но и подготвеност на самиот брод. Оваа година имаше силен ветер и четириметарски бранови на отворено море, поради што стартот беше одложен повеќе часови, а дел од екипажите, меѓу кои и минатогодишниот победник, се откажаа од настап. – раскажува Будимир Соколовиќ, скипер на екипажот на клубот „Акватика“.

Да излезиш на прво учество пред педесет екипажи во ваква регата каде има и ноќно едрење, во екстремни услови со силни врнежи од дожд, е повеќе од голем успех за нас. – додава Соколовиќ, посочувајќи дека организацијата на регатата била на врвно ниво.
Јахтинг клубот „Акватика“ од Охрид на регатата „Јабука“ учествувал со посебно писмено одобрување од Едриличарската федерација на Македонија, бидејќи се уште нема регистрирани спортски пловила во Меѓународната асоцијација.
Бидејќи се работеше за регата на отворено море, а не покрај брег, бродот кој се натпреварува и екипажот мора да исполнуваат строги услови, затоа што безбедноста на учесниците е пред се. – истакнува Соколовиќ.

Ние сме симболично да се изразам на ова поле во камено време. Едриличарството е скап спорт и учесниците во регатите се луѓе кои вложуваат многу пари. На регатите учествуваат по 300-400 луѓе кои не едрат само, туку посетуваат и локални ресторани, продавници, хотели, закупуваат паркинг на пристаништа и слично. Замислете колку пари оставаат таму каде што застануваат. И тоа вон сезона. Некој ќе рече лесно им е на Хрватите имаат море, но не е така. Луѓето инвестираат во инфраструктура, а тоа им ја продолжува сезоната и тоа за неколку месеци. Едриличарството е фантастична можност за продолжување на сезоната со многу квалитетни и скапи гости. – вели Соколовиќ.

Без инфраструктура ние сме само едно многу убаво езеро и толку, ништо повеќе. – истакнува Соколовиќ.

Големо прашање е градското пристаниште во кое речиси да не е закован клинец од кога е изградено, колку уште може да го издржи оптоварувањето од се поголемиот број големи комерцијални бродови и други пловила. А ништо не се презема околу тоа. Навистина не ми е јасно каде е проблемот. Езерото отвора големи можности за развој, но не со пропаднати пристаништа, а ги нарекуваме местата покрај вода со монденски имиња како „Сен Тропе“ (Трпејца), или Радожда каде половина пристаниште е потонато, или Пештани каде 50 години се набиени колови и камења за изградба на пристаниште и така останало, а Струга нема ништо. Доколку сите овие места имаат функционални пристаништа се отвораат големи можности. Не ми паѓа на памет да се споредуваме со Хрватска, но уверен сум дека во тој случај се отвора огромна можност за развој на туризмот и развој на локалната економија, а со тоа ќе се отворат и нови работни места. – вели Соколовиќ.
Г.М.











