Охридските кандидати за градоначалник го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори. Со тоа, кандидатот од ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата, Митко Тилевски, од СДСМ и Коалиционите партнери, Јован Стојаноски, независниот кандидат Стево Стевовски, како и носителите на кандидатските листи за советници, се обврзаа дека ќе се придржуваат и активно ќе ги промовираат принципите на слободни и фер избори и дека ќе го почитуваат избирачкото право кое се остварува на избори со тајно гласање.

Би ја изразил мојата желба и надеж за фер демократски достоинствени и мирни избори во кои ние како граѓани на Охрид ќе придонесме со своето гласање да бидеме дел од цивилизациската заедница која е дел од европското семејство, кон кое се стремиме и каде припаѓаме. Ги повикувам гласачите на што помасовен одзив да го гласат својот глас, за Охрид да го направиме достоинствено место за живеење и просперитет, изјави по потпишувањето на Кодексот за фер и демократски избори кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, Митко Тилевски.

Потпишувањето на кодексот е свечен чин на кој се обврзуваме дека ќе ја развиваме демократијата и сето тоа ќе придонесе за развој на земјата. Мислам дека не само што го потпишавме кодексот, туку сметам дека и навистина ќе биде испочитуван. Очекувам дека и од останатите кандидати, а и од наша страна, нема да биде само еден формален чин на потпишување, туку дека и навистина ќе биде основа пред се за да ги задржиме оние пријателски вредности кои и до сега сме ги имале како граѓани на Охрид. Не сме замерени и мислам дека и после 15 октомври така ќе остане. Нека победи подобриот, тие што ќе изгубат да ги испочитуваат изборите и тоа е една наша обврска како кандидати, рече кандидатот од СДСМ, Јован Стојаноски.

Со позитивен став за претстојната кампања и независниот кандидат за градоначалник Стево Стевовски.

Мислам дека кодексот ќе се испочитува, граѓаните на Охрид и Македонија ќе бидат задоволни од безбедноста и фер изборите и мислам дека ќе се исполнат и условите за да се пофалиме пред ЕУ дека можеме да организираме демократски избори, вели Стевовски.

По чинот на потпишувањето на кодексот, кандидатите за градоначалник и носителите на кандидатските листи за советници, седнаа на кафе-муабет во угостителскиот објект „Галерија“.

За општина Охрид, поднесени се три кандидатски листи за градоначалник и пет кандидатски листи за членови на осветот на општина Охрид.

Т.К.