На охридскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ точно напладне околу 350 матуранти од сите средни училишта во Охрид беа дел од традиционалната „Матурска парада“. Матурантите го изведоа танцот „Квадрил” од Штраусовата опера „Лилјакот”.

Ние сме приказна за едно заедништо, за едно време исполнето со смеа, предизвици, другарства и спомени кои секогаш ќе ги носиме во нашите срца, рече во обраќањето Елена Стојоска, матурантка од охридската гимназија.

Стоиме сите гордо со поглед кон иднината, но и со благодарност кон секој еден што не доведе до овој момент. Оваа матурска парада не научи дека најубавите успеси се оние кои се создаваат заедно. Оваа парада нека е симбол на нашата зрелост, слобода и одлучност, нека биде потсетник дека сме најсилни кога сме заедно. Како денеска што чекориме во ист ритам, така да чекориме и низ животот со искрени насмевки, достоинство и срца полни надеж. Нашата младост денеска зборува погласно од се. Нека оваа енергија, оваа убавина, радост, одекнат далеку како порака дека ние младите знаеме да создаваме, сакаме и да го направиме светот поубав, рече Стојоска.

И годинава за подготовките беше задолжена професорката Катерина И. Стојаноска, која посочи дека настанот го симболизира преминот од средно образование кон нови животни предизвици и испраќа порака за мир и толеранција.

Подготвката на матурската парада ќе ми остане засекогаш во најубаво сеќавање. Вашата енергија, насмевки и заеднички моменти го направија ова искуство навистина посебно. Ви посакувам од срце многу успех во понатамошното школување, храбро да ги следите вашите соништа и секогаш да останите свои. Нека секој нов чекор ви донесе среќа, љубов и многу причини за гордост, рече Стојаноска во обраќањето со матурантите.

Денеска ја испишате последната страница и ја затворате книгата на вашето средно образование. Високо сте искачени на школскиот врв, но, тука вашите предизвици не завршуваат, рече претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски обраќајќи се кон матурантите.

Колку ќе ги раширите крилјата кои ние ви ги дадовме преку образованиот процес, колку и каде ќе слетате зависи само од вас и никој друг. Доволно сте воспитани и едуцирани да процените дека што и да изберете, каде и да застанете, на пониска или висока гранка, најбитно е да бидете добри луѓе, со добра мисла, чисто срце, чесни и без пороци. Не можеме сите да бидеме она што сакаме, но најважно е од се е да бидете луѓе. А големи се само оние кои не скривнуваат од прав пат, кои чесно и со труд ја градат иднината. Летајте високо, бидете вредни, вложувајте се себе си и не се откажувајте од целта. Упорните и трудољубивите секогаш сигнуваат до неа. Бевте генерација за пофалба, вредни, одговорни и послушни. Се надевам дека подготвени и самоуврени ќе зачекорите кон патеките кои водат кон високото образование, професионалните ангажмани и нови работни места, додаде Божиновски.

Инаку, матурската парада е покрената во 2001 година во Словенија, а нејзин идеен творец е Томаж Амброж од танцовата школа “Уршка” во Љубљана. Танцот Квадрил матурантите го играат во четири слики: панталон, ете, пасторел и финале.

Н.С.Ј.