Со изведба на познатиот штраусов танц Квадрил, денеска на градскиот плоштад охридските матуранти од средните училишта во Охрид го одбележаа крајот на завршување на средното образование. Точно на пладне, истовремено танцуваа со матурантите од уште шеесетина градови на Централна и Југоисточна Европа.

Завршувањето на средното образование на матурантите им го честита градоначалникот Јован Стојаноски кој им порача исправено да се соочат со новите предизвици кои се отворен пат кој секој посебно ќе го осмислува и секој посебно ќе го поминува.

– Бидете цврсти во Вашите одлуки да напредувате во животот, само на оној начин кој нема да ги наруши човечките етички вредности. Младоста е само една етапа во животот. Младиот човек треба да биде мотивиран, жеден за знаење и подготвен да ја достигне својата цел. Младоста, велат, дава крилја со кои побрзо се долетува до целта, а тој пат е интересен и возбудлив. На тој пат, чекор по чекор, младиот човек стекнува искуства кои му го олеснуваат животното патешествие, рече Стојаноски.

Посебна благодарност градоначалникот упати до професорката Соња Думбалоска-Делова, која веќе десет години ги подготвува матурските паради. Како што истакна Стојаноски, тоа е огромен вложен труд, во создавањето на една нова традиција, што е во согласност на стремежите да се биде во чекор со новото време.

Благодарност до професорката Думбалоска-Делова искажаа и матурантите. Во име на генерацијата се обрати ученичката Емилија Прентоска.

– Секој крај има и почеток. Но, секој крај треба да биде одбележан. За среќа во градов постои една таква личност која со задоволство ни покажа како достојно се одбележува еден крај. Овој крај е посебен јубилеен, 10 години ги посветивте со труд и љубов и внимание на она поради кое сме овде-матурската парада, рече Прентоска.

Професорката Думбалоска која и годинава се погрижи за беспрекорната игра, на матурантите им посака успех во животот и успешно преминување на препреките во животот.

На пладне во Македонија танцуваа над 1.000 матуранти од повеќе средни училишта од Охрид, Скопје, Струга, Струмица и од Гевгелија.

Учесниците на парадата и годинава пред одигрувањето на танцот положија заклетва за ненасилство заедно со своите врсници од сите држави учесници во овој настан. Парадата на матурантите почна да се организира во 2001 година во Љубљана, а во Македонија првпат се одржа во 2007 година во Скопје и во Охрид.

OhridNews