Коментарот „Еднаш се прави свадба“ сеуште е присутен кај охридските семејства кои се подготвуваат за свадбени веселби. За да се изгледа како што замислиле младенците или за да се покажат пред роднините и пријателите, родителите најчесто се принудени да подигаат кредити, за да ги покријат сите свадбени трошоци.

А таквите трошоци се големи, започнувајќи од веселбата во ресторан, најмување музика, подготвување бовчи, купување на венчаница, купување златен накит, бурми, па се до украсување, покани, китенки, бомбонки, фотографирање, трошоци за храна и пијалоци во домовите на младенците, како и набавка на гардероба за домашните и најблиските, кои на овој „важен“ ден мора да изгледаат беспрекорно.

-Правевеме свадба за синот пред една година, свадбата беше многу скромна, но со сите трошоци не чинеше околу 5.000 евра. За среќа што работам во јавна администрација, па можев да подигнам кредит, кој ќе го вреќаме уште 6 години, вели повозрасна охриѓанка.

Дека е зголемен бројот на охриѓани кои земаат кредити за свадби потврдуваат и од неколку експозитури на банките во Охрид.

-Најчето се подигаат потрошувачки кредити од 5 до 10 илјади евра, но се нудат и наменски кредити за свадби. Исто така, освен кредитите, за истата намена често се поднесуваат и барања за кредитни картички со високи лимити, информираат охридските банкари.

Иден охридски младоженец кои ја има закажано својата свадба во јуни годинава, вели дека е изненаден од првичните пресметки за средствата кои ќе им бидат потребни за свадбената веселба.

-Планираме да поканиме вкупно 320 гости, половина од мојата страна, половина од страната на невестата. Свадбата ќе ја правиме во еден охридски хотел, а за вечерата избравме мени во износ од 15 евра по лице. Тоа значи дека само за ресторанот ќе треба да платиме по околу 2.400 евра или вкупно 4.800 евра. На понудите на останатите ресторани и хотели има и различни цени на менијата, но претежно се движат од 12 до над 30 евра по лице, вели нашиот соговорник.

Тој објаснува дека освен за ресторанот, големи се и трошоците за свадбената музика, чиј што наем се движи од 250 до над 1.000 евра, во зависност од квалитетот на бендот. За услугата за фотографирање и снимање на свадбената веселба, според цените во Охрид, се бараат од  200 до 350 евра, во зависност од пакетот и понудата. На вкупните трошоци за свадбата треба да се пресмета и надоместокот кој треба да се плати за венчавката во црква и матично.

Голем трошок за една свадба е секако свадбената облека. Според понудата во охридските бутици, цените на невестинските фустани се движат од 350 евра па нагоре.

Доколку се шие по нарачка, почетната цена на еден невестински фустан изнесува 350 евра, но има и повисоки цени. Цената се формира во зависност од моделот и материјалот кој е потребен за изработка на фустанот. Освен што може да се купи и сошие, невестинските фустани може да се изнајмат за цени од 75 до 200 евра, во зависност од моделот. Според нашето искуство, во последните неколку години се почести се невестите кои изнајмуваат венчаници за свадбените веселби, велат од бутикот „Емили“ од Охрид.

Освен за венчаницата, за комплетниот свадбен изглед на невестата и се потребни чевли, чанта, накит, украси за косата, соодветна долна облека, кои достигнуваат вкупна цена од најмалку 100 евра. На ова треба да се додадат и трошоците за невестинска шминка и фризура, кои во Охрид се движат од 2.000 денари па нагоре.

Машките свечени костуми, според цените во охридските бутици, се движат од 3.500 до над 12.000 денари. Освен за костумот, младоженецот треба да издвои средства и за кошула, вратоврска, чевли, колан и копчиња.

Големи средства се потребни и за гардеробата на домашните и од страна на невестата и од страна на младоженецот. Цените на долгите свечени фустани се движат од 5.500 денари па нагоре, додека пак кратките се продаваат по цени од 3.000 до 7.000 денари. Комплетна свечена гардероба за машките, пак може да се набави за цени од 100 до 250 евра. Нешто помалку средства се потребни доколку облеката се шие. Искусните трговци со свечена гардероба  во Охрид, велат дека за да се подготви едно четиричлено смејство со свечена облека за свадба, потребни се од 30.000 до 40.000 денари.

Освен овие трошоци, традиционално се издвојуваат и големи средства за свадбени бовчи, дарови и златен накит.

-Ние одлучивме да не даваме класични бовчи со облека за кум, старосват, девер, свекрва, свекор и младоженец, туку одлучивме да им купиме часовници и накит. Целокупниот трошок за бовчите не чинеше околу 1.500 евра. Но и јас добив на дар од другата страна, златен накит во голема вредност, вели невеста, која ја правела својата свадба пред неколку месеци.

Таа објаснува дека освен за бовчите, потрошила и околу 100 евра за украсување на домот, за китенки, балони и бомбонки, а дополнителни средства, нејзините родители издвоиле за подготвување на домашната трпеза за сватовите.

Друга наша соговорничка која правела свадба пред две години вели дека трошоците од свадбата сепак се повратна инвестиција, бидејќи младите собираат големи средства од свадбените подароци, кои во последно време најчесто ги добиваат во кеш.

Е.М