Пребојадисувањето на такси возилата во Охрид, што требаше да биде направено до 1 април 2007 година е одложено за одреден период по денешните раговори помеѓу  претставници на локалната самоуправа и таксистите кои се разидинети по ова прашање.

На разговорите локалната самоуправа им соопшти на таксистите дека одлуката за  пребојадисување на такси возилата Советот пред една година ја донел во постапка во која биле вклучени и претствници на такси компаниите и дека таа мора да се почитува. Според истата, сите такси возилата во Охрид треба да се со бела боја, а предниот и задниот дел треба да се во сина боја.



Таксистите негодуваат на ваквата одлука и бараат рокот кој истекува за неколку дена да биде пролонгиран. Дел од таксистите кои беа присутни на денешната средба со претставници на локалната самоуправа се незадоволни од одлуката такси возилата во Охрид да бидат бело-сини. Тие велат дека одлуката е донесена во консултација со само две три компании и дека тие нема да ја почитуваат. Тие се незадоволни од случувањата во еснафот и како што беше најавено ќе иницираат формирање на ново здружение на такси превозниците.

Таксистите побараа решавање на проблемот со дивите таксисти. Претставникот на локалната, Зоран Шикалески најави дека во иднина лиценцираните таксисти ќе добиваат посебни дозволи, без кои нема да можат да ја обавуваат дејноста, како решение за проблемот со дивите такси превозници.

Таксистите и локалната самоуправа се договорија да се сретнат за две недели период во кој двете страни ќе работат на заедничко прифатливо решение.

Г. Момироски