Училиштата немаат воспоставено механизми за заштита на правата на децата. Најчест механизам кој функционира е обраќањето кон класниот раководител кој доколку оцени дека има потреба за тоа вклучува и други органи во училиштето за решавање на појавениот проблем. Знаењата на децата за нивните права и механизмите за заштита се лимитирани и на децата на помала возраст не им е јасно кои се нивни права, а кои обврски. И знаењата на училишниот кадар се лимитирани, бидејќи не постои редовна едукација за правата на децата и сè е оставено на индивидуалните интереси и потреби.

Во училиштата претставниците на децата не учествуваат во работата на наставничкиот совет. Иако учат за ова право во рамки на наставните предмети сепак неговата примена во училиштето е на ниско ниво. Децата избираат претседател на клас и други претставници, но за нив не постојат  јасни критериуми каков треба да биде претседателот на класот и која е неговата функција.


Најголем дел од испитаниците, 74% се информирани кај кого треба да се обратат во училиштето доколку им е повредено некое право. Најчесто и основците и средношколците сметаат дека треба да се обратат кај педагогот, по што следуваат класниот раководител и психологот. Помал број на ученици велат дека треба да се обратат кај директорот на училиштето, додека основците го навеле и дежурниот наставник кај кого треба да се обратат ако им е повредено некое право. Меѓутоа скоро половина од испитаниците не знаат кој треба да ги штити нивните права во училиштето.

На прашањето за потребата од воведување на дете правобранител во училиштето како тело кое ќе ги штити детските права и каде што учениците ќе можат да се обраќаат доколку некое ниво право е повредено, 68% од испитаниците сметаат дека треба да постои дете правобранител, додека 21% сметаат дека нема потреба од воведување на ваква позиција.
 
Ова се дел од резултатите од истражувањето направено од страна на Коалцијата на младински организации СЕга, која е невладина и непрофитна организација, која од 2004 работи на поврзување и јакнење на младата популација во земјава. Со истражувањето во Охрид опфатени биле вкупно 161 ученик вклучени преку анкета и интервјуа и 7 претставници на наставничкиот кадар и администрацијата во двете охридски училишта – основното училиште “Братство и Единство” и средното училиште “Св. Климент Охридски”.

OhridNews