Охридските туристички работници се подготвуваат да ги пречекаат гостите кои ќе решат Новата 2024 година да ја дочекаат во некој од угостителските објекти на брегот на Охридското Езеро. Досега потврдените резервации и успешната летна туристичка сезона укажуваат дека градот ќе биде добро посетен за „најлудата“ ноќ.

Поголемите хотели на брегот на Охридското Езеро оваа година слично и на изминатите, ќе работаат за празниците како преку аранжмани, така и врз база на индивидуални посети, но без да организирааат дочек на Новата година. Понудата е различна, зависно категоријата на објектот, но цените се слични на минатогодишните, односно приближно 50 евра за ноќевање со појадок, до некаде 200 евра за тридневен полн пансион со свечена вечера за дочекот на Новата година.
Помалите хотели се целосно закупени и тоа најмногу со гости од соседните држави, од кои најбројни традиционално се оние од Србија, но и од Бугарија, Грција, Албанија, Црна Гора. Гости ќе има и од подалечни дестинации, од европските земји, но во помал број.

Она што е позитивно што години наназад гостите кои дошле во градот за новогодишните празници, заминуваат воглавно задоволни од понудата, цените и забавата.

Централното градско подрачје и поважните сообраќајници се веќе украсени со реквизити, низ градот се чувствува претпразничната атмосфера.
Oстанува уште да се објави информацијата за програмата и уметниците кои ќе бидат задолжени за забавата на отворено, односно за дочекот на Новата 2024 година на Градскиот плоштад.
OhridNews
фото. Б. Стојаноски

















