Нивото на Охридското Езеро се спушти под дозволениот природен минимум, состојба каква што е не е забележана со децении. Според утринските мерења на Управата за хидрометеоролошки работи, нивото на Охридското Езеро е на кота 693,09 метри надморска височина, што е 1 сантиметар под природниот минимум (693,10 м.н.в.) и 8 сантиметри под дозволената кота утврдена во Билатералниот договор склучен со Република Албанија (693,17 м.н.в.).

Последиците од ваквите драстични осцилации се далекузежни. Експертската јавност укажува дека рекордно ниското ниво на Езерото, всушност претставува загуба на милиони кубни метри водена маса. Што се однесува до живиот свет, најголеми последиците се во литоралот, каде водата е повлечена неколку метри, поради што на суво се природните живеалишта на значајни видови жив свет, кои се важна алка од севкупниот еко систем на Езерото.

Последните години сведоци сме на чести осцилации на Охридското Езеро, како и на останатите водни ресурси кај нас, но и пошироко. Таквиот неповолен хидролошки тренд е комбинација на фактори кои се должат пред се на климатските промени и човечката негрижа. Оттаму приоритет несомнено треба да биде грижата за водните ресурси и пред се нивно паметно искористување. – вели Зоран Спиркоски, научен работник и експерт од областа на рибниот фонд и живиот свет во езерото и аквакултура.

Размерите на оваа своевидна природна катастрофа највидливи се на градскиот кеј, каде намаленото ниво на Езерото придонесе за цветање на алгите во ноември.

Освен последици по живиот свет, рекордно ниското ниво на Охридското Езеро предизвика и проблеми во одвивање на пловниот сообраќај.

Имаме проблеми со пристапување на бродовите во внатрешноста на пристаништата во Охрид и Св. Наум, како и во каналот Студенчишта. – изјави за OhridNews раководителот на Капетанијата на пристаништата Горан Устијаноски.

Охридското Езеро иако е заштитено со закон и е на листата на УНЕСКО како светско природно наслетство, се уште се третира како акумулација чиј потенцијал се искористува за производство на електрична енергија.

Г. Момироски