Според мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи извршени утрово, нивото на Охридското Езеро е на 693, 99 сантиметри надморска височина, што е 24 сантиметри над максимално утврдената кота (693,75 м.н.в.), односно на еден сантиметар до максимално дозволената граница при висок водостој која изнесува 694 м.н.в.
Во октомври 2017 година нивото на Охридското Езеро беше на 2 сантиметри до дозволениот минимум од 693.17 м.н.в. Оттогаш тоа е зголемено за 80 сантиметри. Во неколку наврати тоа ја надмина и максимално дозволената граница при големи води од 694 м.н.в. Во март Охрид два пати беше погоден од силно невреме, што предизвика поплави во крајезерските населби.
Охридското Езеро во последната деценија бележи големи осцилации. Во овој период нивото на езерото повеќе пати беше под природниот минимум 693.10 метри надморска височина, како и значително над максималниот водостој од 693,75 метри надморска височина, што е случај и сега.
Ваквите големи осцилации според научната јавност негативно се одразуваат на живиот свет во езерото, а влијааат и на објектите во крајбрежјето. Значително влијание има тоа што Охридското Езеро се користи како акумулација за производство на електрична енергија и застарениот начин на регулација на истекот на езерото во реката Дрим што е регулиран со билатерален договор помеѓу Македонија и Албанија пред повеќе од 70 години. Тој иако беше најавено, се уште не е ревидиран.
Г.М.














