Киното при Центарот за Култура ,,Григор Прличев” во Охрид во текот на оваа година ќе добие нов дигитален проектор. Ова се должи на одлуката на Министерството за култура да ја забрза најавената модернизација на кино салите во 14 Центри за култура во Република Македонија. Тоа значи дека наместо предвидените три години,  обновувањето на опремата за прикажување на филмови ќе се релизира за две години.

-Реализацијата на проектот ќе се спроведе во две фази и тоа:  во првата фаза, оваа 2012 година планирано е да се оспособат и да  се активираат кино-салите во центрите за култура во општините Куманово, Охрид, Струга, Прилеп, Крива Паланка, Неготино, Кочани и Делчево, а во втората фаза планирана за првата половина на идната 2013 година проектот ќе биде спроведен во центрите за култура во општините Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево, Струмица и Велес, информираа до Министерството за култура.

Оттаму додаваат дека промената на роковите за реализација на проектот е направен врз основа на податоците добиени од Европската Аудиовизуелна Обсерваторија, која на крајот од месец мај годинава, ги презентирала информациите за дигитализација на кино-салите, според кои веќе е јасно дека снимањето и кино прикажувањето на филмови на 35 мм филм е со помал обем и дека филмската продукција и дистрибуција се повеќе се преориентирани на дигитални медиуми.

-За овие податоци Министерството за култура и Филмскиот фонд на Македонија ја информираа Владата на Република Македонија, која донесе заклучок за  превземање иницијативи и за воведување на дигитална кино-дистрибуција во кино салите во Центрите за култура. Со ова се потврдува  фактот дека кино-прикажувачката дејност во Република Македонија ги следи светските трендови кон кои се стремат сите земји. Реализацијата на овој проект е од големо значење не само за развојот на кино мрежата низ земјата, туку и за најевтино и најбрзо ставање на филмот во дистрибуција, што е можност публиката во целата земја да ги погледне најновите домашни и светски филмски остварувања, потенцираа од министерството.

OhridNews