Охридското Здружение за литература и култура „Мацково”, преку неговиот претседател, Веле Митаноски е годинешен добитник на Меѓународната награда „Korkira Melaina“, која се доделува на асоцијации и поединци кои со својата работа продонесуваат во поврзувањето на културите.

Признанието беше врачено на Седмите Мегународни книжевно – научни средби „ПЕТАР Канавелиќ” во хрватскиот островски град Корчула, одржани под покровителство на Министерството за култура на Хрватска.

Наградата се однесува на традиционалната манифестација – Балкански поетски камп за млади „Ванчо Николески”, единствена таква на овие простори, а на која, редовно, учествуваат и млади поети од Хрватска.

Со ова признание, манифестацијата станува препознатлива во светот, но, за жал, не и кај повиканите институции кај нас, а се одржува под високото покровителство на Светската академија на поезијата при УНЕСКO, со седиште во Верона, вели Митаноски.

Истовремено, во објектот „Вјеќница” на корчуланската локална власт низ историјата, во старото градско јадро, организаторите, ја приредија и хрватската промоција на поетската збирка на Митаноски „ВАНЧОЛИКИ”.

На собирот учествуваа поети од Хрватска, Македонија, Албанија, Црна Гора и Мароко, а виртуелно и иранскиот поет д-р Салама Ал-Сархана, кому му беше претставена книгата „Делириум на паметењето” 1 и 2.

OhridNews