Изминатата недела охриѓанецот Јане Наумоски се стекна со награда за најдобар фото-блог за 2013-та година, признание кое го доделуваат „Блогираме“ и македонската „Тwitter“ заедница. Покрај „блогирањето“ и пасијата кон фотографијата, зад неговото богато портфолио се наоѓаат многу веб сајтови, различни дизајни за андроид и iOS, како и 10-годишно искуство во дизајнерските води. На 31-ви декември, нашиот сограѓанин кој живее и работи во главниот град, успешната година треба да ја заокружи со веќе започнатото креативно дело насловено како „365 photo project“.

OhridNews: Што всушност претставува „365 photo project“ и колку беше тешко да се оствари таа замисла?

Ј.Н.: Идеата на „365 photo project“ е едноставна: секој ден во текот на една година, објавувам на мојот блог (http://photo.pcklab.com) по една фотографија направена во текот на истиот ден – 365 фотографии за 365 дена. Последната фотка од овој проект ќе ја објавам на 31 Декември 2013 година. Од аспект на компјутерските вештини потребни да се оствари оваа замисла, со оглед на мојата професија, немав потешкотии. Меѓутоа, за реализација на фото-проект за кој е потребно да се одвојува време секој еден ден, неопходни и мошне позначајни се љубовта кон фотографијата, посветеност кон подобрувањето на фотографските вештини и, секако, одржлив ентузијазам.   

OhridNews: Од каде идеата тому за еден ваков пројект, со оглед на тоа дека истиот бара секојдневно посветување вон работните обрски?

Ј.Н.: Фотографијата ме интересираше долго пред да го стартувам овој проект. Ми претставуваше креативна занимација, хоби за кое се одвојува дел од слободното време. Кому не му паднало на памет да овековечи поглед кон Охридското Eзеро на совршен сончев ден? 🙂 Меѓутоа, со тек на време, фотографијата почнав да ја доживувам како нешто многу повеќе од хоби. Така, се заинтересирав за методите со чие посредство би можел да учам за разните фотографски техники и стилови и да созреам како фотограф. Налетав на многу и интересни предлози од кои го издвоив проектот „365“ – претпочитам да учам на забавен начин. 

OhridNews: Кои мотиви се опфатени во фотографиите и кои параметри треба да се поклопат за една една слика да ги задоволи вкусовите на јавноста?

Ј.Н.: Во најголем дел, фотографиите се посветени на убавината на обичното, на секојдневието, која, најчесто, ја земам(е) здраво за готово и, на тој начин, станува незабележлива. Се обидов да опфатам што е можно повеќе мотиви, меѓутоа, како што течеше реализацијата на проектот, утврдив дека некои мотиви ме интересираат повеќе од други, на пример, храна, портрети и концептуална фотографија. Вкусовите на јавноста се, секако, разнолики, па различни фотки наидуваат на различен прием. Но, пријатно се изненадив од поддршката која ја доби и сé уште ја добива овој проект.

OhridNews: Пред некој ден се стекнавте со награда за најдобар фото-блог за оваа година, признание кое го доделуваат „Блогираме“ и „Twitter“ заедницата. Дали истото претставува поттик повеќе за во идниот период поактивно да се впуштите во слични вакви проекти?

Ј.Н.: Да, тоа признание ми е дополнителен поттик да продолжам да работам на моите идни планови. Меѓутоа, вечерта на доделувањето на наградите, се најдов во друштво на прекрасни луѓе, запознав прекрасни луѓе – тоа е другата награда што ја добив таа вечер.

OhridNews: Колку „блогирањето“ е популарно во Македонија?

Ј.Н.: Ми изгледа дека блогирањето е привлечно за многу луѓе и со оглед на тоа што на македонските блогови можат да се најдат интересни содржини од различни области, тие луѓе имаат што да кажат.  

OhridNews: Освен со горенаведените активности, веќе долги години сте активни во дизајнерските води. Дали оваа професија е во вистински подем не само во главниот град каде што и работите, туку и во останатиот дел од земјава?

Ј.Н.: Имам десетгодишно искуство како UI (user interface) дизајнер. Со порастот на свеста за значењето на добар дизјан, порасна и побарувачката на професионалци од оваа област. Низ годините сретнав многу и многу креативни дизајнери. Се надевам дека ќе запознавам и нови.      

OhridNews: Што всушнсот се крие за вашето портфолио и дали дел од слободното време посветувате на книга, филм или видео-игри?

Ј.Н.: Во моето портфолио има многу веб сајтови, дизајни на неколку апликации за андроид и iOS и по некој темплејт што може бесплатно да се преземе од мојот веб сајт (http://www.pcklab.com). За среќа, го сакам тоа што работам и таа љубов стои зад моето портфолио, заедно со купче стручна литература, фаќање чекор со новините во областа, многу време поминато пред монитор… и многу кликови 🙂 Времето што ми преостанува по работните обврски и секојдневното освежување на фото-блогот, го посветувам на дружба, филм… и многу ТВ серии 🙂

OhridNews: Дали имате конкретни планови за во иднина?

Ј.Н.: Останувам на работно место UI дизајнер, секако, со план да ги надградувам своите знаења и вештини. Покрај тоа, работам на редизајн на мојот фото-блог со цел да го подигнам ниво повисоко и да „направам место“ за нови содржини и нови проекти (но не и уште еден „365“). 

OhridNews: Порака до охриѓани….кој е клучот за успех во еден голем град?

Ј.Н.: Шо појќе кликој 🙂 Со други зборој, да работет ногу и да работет со љубоф. И, ак се сопнет, аку, нек си поплачет, ама да се испрает.

О.Т.