Истрага без притисоци и политичка конотација, побараа охридските капетани, сопствениците на бродови и граѓани на Охрид, кои денеска во ресторанот „Далга“ формираа иницијативен одбор за формирање на Здружение за утврдување на вистината за несреќата на бродот „Илинден“.


Координaивното тело ќе прерасне во Здружение на граѓани кое ќе има за цел собирање на податоци за сите настани поврзани со потонувањето на бродот „Илинден“, изјави Сашо Алче, член на иницијативниот одбор. Здружението, додаде Алче, веќе од утре ќе започне со собирање потписи истрагата за бродската несреќа да се врши објективно, без политички притисоци и без влијание на настаните кои во изминатиот период ги обременуваат односите помеѓу Република Македонија и Република Бугарија.

Иницијаторите бараат немилиот настан да не се користи за политички пресметки туку за зближување на двата народи.

– Ова здружение се надевам многу брзо ќе стапи во контакт со семјствата на настраданите бугарски туристи и можеби во скоро време ќе ги повикаме на една заедничка средба со цел да покажеме дека овој немил настан не смее да биде цел на никакви шпекулации кои се однесуваат на односите помеѓу македонскиот и бугарскиот народ, рече Алче.


Координатиовното тело е ссоставено од тринаесет члена, кои своите активности ги започнуваат веќе од утре.

Иницијативата е благородна и има единствена цел да се дознае вистината за несреќата на бродот „Илинден“, вели Зоран Гилески, сопственик на бродот „Александрија“. Според најавите во наредниот период координативното тело ќе треба да обезбеди изјави од сите релевантни личности кои имаат конкретни сознанија за несреќата, вклучително од спасувачите и капетаните на бродови кои пристигнаа на местото на несреќата непосредно по трагедијата.


Иницијаторите велат дека нивна цел не е да вршат притисок, ниту да бранат некого, туку да се дознае вистината за големата трагедија што се случи на 5-ти септември, кога при потонувањето на бродот „Илинден“ се удавија петнаесет бугарски туристи.

Осум дена по несреќата бродскиот сообраќај на Охридското Езеро се одвива регуларно, велат бродарите. Закажаните тури не се откажани, а бродовите редовно сообраќаат на предвидените дестинации.

Г. Момироски