Без употреба на хемикалии и специјален процес за изработка, еколошката машина за фотографии покрена мини револуција која полека го зафаќа и регионот. Засега единствената машина за изработка на еколошки фотографии во поширокото опкружување се наоѓа во Охрид, во фото студиото „Дигитал фото Мики“.

Се работи за најнов тренд во светот на фотографијата, со таканаречен сув процес на изработка кој заштедува енергија и ја заштитува животната средина. Првите прототипови на еко фото машини излегоа во 2008 година, а една година подоцна започна сериското производство на „Eko dry mililab“ машините.

-Квалитетот на фотографии изработени со еко машината е многу подобар од стандардните фотографии, колоритот е одличен, а острината фасцинантна, велат од „Фото Мики“.

Интересно е тоа што еколошките фотографии се отпорни на вода, алкохол и други течности. Тие се изработуваат со резолуција од 720 dpi, што е за двојно поголема од стандардните фотографии, поради што тие изгледаат многу пореално и поживописно, објаснуваат од „Фото Мики“. Оттаму посочуваат дека процесот на изработка на еко фотографиите е побрз и дека се потребни само 30-на секунди за добивање на саканата фотографија која може да биде со стандардни димензии па се до големина од 25 х 96 сантиметри.

Предноста на оваа машина е што може со исклучителен квалитет да печати двострано и користи специјална хартија која не е фото осетлива како кај стандарната изработка. Друга предност е и тоа што заинтересираните можат сами да избираат и едитираат фотографии преку таканаречен фото киоск.

Еколошката машина за изработка на фотографиите го привлекува вниманието на фото студијата како од Охрид така и другите градови во земјата, а интерес пројавуваат и колеги од соседните држави, велат од „Фото Мики“ каде од неодамна се „произведуваат“ еко фотографии.

Г.М.