Изминатите денови, Охрид е речиси празен, во споредба со претходните години, кога започнувајќи од  католичкиот Божиќ, градот континуирано се полнеше со гости. Но и покрај црните прогнози дека дочекот на  оваа Нова година ќе биде промашен за охридскиот туризам,  охриѓани се оптимисти дека денеска ќе пристигнат, најголемиот дел од гостите. Првичните калкулации за  вечерашниот дочек се движат од 10 до 15.000 гости. 


Цените за свечен дочек низ охридките ресторани, кафулиња и клубови се движи од 20 до 40 евра. Дел од угостителите велат дека интересот за резервации не е ист во споредба со минатата година, но има и такви кои велат дека поради спуштените цени, на картите за дочек, од околу 20%, денеска ќе се бара место плус. Тие нагласуваат дека најголем интерес за свечен дочек во Охрид пројавиле младите од Македонија и од соседните земји, а околу 50% од нив биле во Охрид и минатата година или доаѓаат по препорака на пријатели кои тука минале прекрасни моменти.

– Имаме дваесетина резервации на гости од Србија, кои и лани ја пречекаа Новата Година, тука. И останатите карти се распродадени, но претежно на гости од Скопје и мештани.-вели менаџерот на еден охридски ноќен клуб.


Охридските хотелски капацитети, доцна се свестија дека можат да останат без гости и во последен момент ги намалија  новогодишните понуди. Така тридневните аранжмани во хотелите се движат од 100 до 240 евра.

– Според тоа дека за Католичкиот Божиќ немаше многу гости, за дочекот на Новата година очекуваме гости, но се надеваме само на половична исполнетост на капацитетите.-нагалсуваат  дел од охридските хотелиери и се потсетуваат дека изминатите години имале исполнетост на капацитетите со резервации, неколку недели пред Новата Година.


Цените во приватното сместување се повисоки од лани и се движат од 30 до 40 евра за апартман и од 500 до 600 денари за кревет. Станоиздавачите се оправдуваат дека цените се повисоки од летната сезона, затоа што просториите кои се издаваат треба и да се затоплуваат. Тие нагласуваат дека намалениот интерес во приватното сместување се должи на тоа што од година во година, во Охрид има се повеќе викенд станови, во сопственост на граѓани од други градови. Според некои пресметки во Охрид се евиденнтирани околу 5.000 викенд станови.

– Значи може да се пресмета, колку неевидентирани туристи ќе има во Охрид за прaзниците, ако во еден викенд стан во просек се сместат по 4 лица. Но ова не е проблем само за Нова Година, ваквите туристи ги има и во текот на летото. Тие значително го намалуваат нашиот промет.-велат охридските станоиздавачи.


И туристичките работници сметаат дека оваа Нова Година, според бројот на гости нема да биде како претходните.

– Ваков мал интерес за посета на Охрид за време на новогодишните празници, не паметам во мојата 24- годинашна кариера.Причината за намалениот интерес за Охрид се гледа во светската економска криза, вирусот на свински грип и укинувањето на визниот режим за граѓаните од регионот. -изјави Верица Хајба, туристички работник од Охрид. Таа нагласи дека после празниците надлежните во Охрид и на ниво на Република Македонија, треба сериозно да размислуваат за превземење на мерки и  изготвување на стратегија за привлекување на туристи.


Верица Хајба

Украсен, со голема елка со црвени сијалички, многу светлечки бродови, снешко белчовци и други новогодишни украси, и плоштадот Охрид е спремен за вечерашниот дочек. Забавата на плоштадот ќе започне на пладне со музички хепенинг за најмладите, а ќе кулминира вечерта , кога таму со музичка програма организирана од општината, под отворено небо ќе се одбројуваат последните минути до доаѓањето на 2010.

Е.Е.