Голем број културни манифестации, пригодни свечености и промоиции се одржуваат викендов во Охрид по повод празникот Св. Климент Охридски – патрон на градот. По тој повод утрово во Свети Климентовиот храм на Плаошник, Св. Пантелејмон се одржа света архиерејска литургија со која чиноначалствуваше митрополитот Дебарско – кичевски г. Тимотеј.

На овој ден традиционално во црквата на Плаошник се изложени моштите на големиот светител пред кои се поклонуваат верниците.

Охриѓани се горди на делата на Св. Климент, нивниот заштитник. Кон овој светец тие имаат посебен култ, посочувајќи дека Св. Климент е исклучително значаен не само за Охрид, туку и за целиот православен свет.

-Од овде тргнала писменоста кон североисток во Русија, Украина и другите православни земји. Од овде тргнале религијата и црковното пеење.-истакна верник кој го носи името на големиот светител.

На утринската празнична богослужба присуствуваше градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, заедно со претставници на бројните делегации кои допатуваа во Охрид на чествувањето на Св. Климент. 

-Денес со голема радост го чествуваме големиот празник посветен на Св. Климент Охридски Чудотворец, чие дело одекнува низ вечноста меѓу охриѓани и низ целиот македонски народ. Во оваа прилика сакам да им го честитам празникот на православните верници, но и на сите охриќани на кои Св. Климент е прав татко со желби за мир, благостојба, сплотување и соединување не само на жителите на нашиот град, туку и на целиот македонски народ.-истакна градоначалникот Бакрачески.

Честитки по повод патрониот празник упатија и гостинските делегации.

-Им го честитам празникот на  сите граѓани на Охрид и им посакавум многу успех.-рече градоначалникот на Винковци Младен Карлиќ. Тој ја посочи успешната соработка помеѓу Охрид и Винковци која трае веќе 40 години, посочувајќи дека првите автобуси во овој град пристигнале токму од Охрид. Се надевам и посакувам оваа соработка да се зацврсти, додаде градоначалникот на Винковци Карлиќ.

Чествувањата по повод празникот на патронот на Охрид, ќе бидат заокружени со свечена академија, што ќе се одржи вечерва во Центарот за култура, на која ќе бидат доделени наградата и признанијата Св. Климент Охридски – патрон на Охрид. Годинешен добитник на највисокото општинско признание, наградата за животно дело Св. Климент Охридски – патрон на Охрид е доајенот на македонското пливање Александар Леко Радиќ, а добитници на повелби се фотографот Стојан Стојаноски и соло пејачката Миланка Новеска.

OhridNews