Мнозинство од граѓаните на Охрид смета дека патрониот празник на градот треба да остане 8-ми декември. На тоа укажуваат и резултатите од анкетата што ја спроведе Ohridnews. На прашањето: Кога треба да се одбележува патрониот празник на Охрид – Св. Климент Охридски? – 83 отсто од читателите одговориле дека тоа треба да биде на 8-ми декември, додека 17 проценти сметаат дека патрониот празник треба да се одбележува на 9-ти август. Во анктетата беа вклучени 1498 читатели на Ohridnews.

Размислувањата за промена на датумот на кој ќе се слави патрониот празник на градот неодамна ги поттикна локалната самоуправа. Според неа поголемиот дел од свеченостите треба да се поместат во лето, додека во декември треба да остане доделувањето на Св. климентовата награда, но не како до сега на свечена академија, туку на свечена седница на градскиот совет.

Според членови на Комисијата за доделување награди и признанија за ваква измена потребна е промена на статутот, односно одлука на Советот на општината. Прв тест за неформалната идеја ќе биде утрешната седница на Советот на која ќе се расправа за оставката на претседателот на Комисјата за доделување награди и признанија, д-р Томислав Тунтев, кој најави повлекување од ова тело по скандалот со доделувањето на овогодинешните награди и признанија.

Во отсуство на конкретна дебата, конструктивни предлози стигнуваат од граѓаните. Така читател на Ohridnews предлага патрониот празник на Охрид – Св. Климент Охридски да се одбележува и на двата датуми, но со фокус на различни аспекти. Две одбележувања но од различен карактер (популарен – академски; секуларен – религиозен; локален- национален; итн) предлага нашиот читател.

Ohridnews.