Граѓани на Охрид со години мака мачат да пристапат кон свооте домови во време на дожд, кој оваа пролет го има во изобилство. Неуредените пристапни улички до живеалиштата и натаму се сериозен проблем во Охрид. Една таква е и оваа на „Ванчо Николески“. Жителите на станбената зграда изградена пред неколку години се уште чекаат на асфалт, а до тогаш не им преостанува ништо освен да газат по кал при секој дожд.
Слична е состојбата и на ул. „Карпош Војвода“. Овие згради се изградени уште порано, но пристапниот пат и паркингот се уште не се уредени.
Немаат проблем само „поновите“ згради. Колективните станбени објекти на бул. „Туристичка“ кај реката Грашница се изградени на почетокот од 80-те години од минатиот век. Паркиралиштето пред влезовите, кое е јавна површина, при секој дожд плива во кал и вода.
За асфалтирањето и уредувањето на пристапните улици надлежна е Локалнта самоуправа. Оттаму информираат дека уредувањето и асфалтирањето се врши според годишните програми за комунален развој.
-Сите оние кои се влезени во програмата за 2014 година ќе бидат уредени, а другите ќе се опфата со следни програми. Паркинзите доколку се во сопственост на колективните згради односно изградените објекти, за уредувањето се надлежни инвеститорите, а доколку паркингот е јавна површина тогаш е надлежна Локалната самоуправа.-стои во информацијата од локалната самоуправа.
OhridNews




















