Со малечко длето и обичен чекан, охриѓанката Данче Наумоска ги претвора бакарните-плочи во уникатни уметнички дела. Како една од ретките жени-бакароресци во Македонија, вели дека го сака занаетот на кој му посветува огромна љубов. Релјефни икони, разни орнаменти со мотиви од македонското културно богатство, опкови за огледала, слики со цветни мотиви, охридска архитектура и мртва природа се дел од експонатите што 36-годишната, Наумоска ги изработува десетина години. Желбата за работа со бакарот ја наследила од татко и, кој изработувал казани и други предмети од бакар.

– Уште како малечка, многу сакав да му помагам на татко ми во работилницата. Бакарот отсекогаш ме импресионирал како метал, зашто при оксидацијата секогаш постигнуваше различна боја или прелив. Тогаш често си мислев дека ако работиш со бакарот, воопшто нема да ти биде здодевно, зошто на секој нов предмет ќе добиеш некоја нова интересна боја, вели Наумоска.


Таа раскажува дека во текот на детството не била свесна за својот уметнички талент и дека него го открила сосема случајно.

– Имав замисла да изработам некој украс што ќе го прикачам на ѕидовите дома. Сакав тоа да биде нешто уникатно, па се одлучив да го изработам од бакар. Со помош од татко ми успеав да изработам гранки од винова лоза, во форма на слика и сите се изненадивме колку убаво ги направив. Тогаш бакарот уште повеќе ме привлече, па се обидов на бакарни плочи да изрезбам и некои други слики, кои исто така ги изработив успешно, вели Наумоска.


Дел од уметничките дела на Данче

Таа нагласува дека освен татко  и кој и помогнал да се запознае со бакарот и со неговите својства, уметничкиот развој и усовршувањето го постигнала сама и со сопствен труд.

Јас завршив висока школа за гастрономија, но никогаш не се пронајдов во таа работа. Бакрорезот го совладав самоуко и за разлика од некои други, кои овој занает го наследуваат како семејна традиција, јас сите техники на работа ги усовршив сама. Иако изработката на релјефите од бакар за многумина е тешко и напорно мене ми претставува вистинско задоволство, а секоја изработена слика посебно ми значи, вели Наумоска.


Таа вели дека иако е тежок за работа, занаетот може да обезбеди скромна егзистенција. Во нејзиното ателје во Охрид има повеќе готови експонати, а може да се нарача изработка и по желба.

Наумоска објаснува дека поради тоа што на пазарот се нудат машински изработени релјефи од бакар, се труди на секоја нејзина изработка да додаде детали по што ќе може да се забележи дека е рачна изработка.


За мене, секоја изработка има своја душа и секоја е убава на свој начин. На пример, потенкиот бакар дозволува да се работат поголем број детали, а подебелите плочи, пак, се многу поцврсти и на нив може да се работи единствено подлабок релјеф, кој се добива со ковење. Во последно време сакам да воведувам и некои иновации, па бакарните релјефи ги комбинирам со сребро и злато или со сликање на платно. Особено ме инспирираат византиските икони, за кои најпрвин се изработува подготовка на платно, па потоа се оковуваат со бакар, објаснува Наумоска.

Е.М