Онлајн кампања со цел подигнување на свеста за заштита на пештерите и лилјаците во Националниот парк Галичица ќе се спроведе во текот на месец мај.

Кампањата која ќе се реализира во текот на цел месец мај 2022 година (на facebook и instagram), ќе содржи едукативни факти за пештерите и лилјаците, пештерски украси, опрема како и совети како да се посети пештера!, велат од истражувачкото друштво „Урсус спелеос“.

Кампањата е во рамките на проектот „Развој на едукативни ресурси за заштита на пештерите и лилјаците во Националниот парк Галичица“, поддржан од PONT/CEPF, а ќе ја реализира истражувачкото друштво „Урсус спелеос“, на иницијатива на проектните партнери и координатори.

Димитар Тануровски, проектен координатор вели дека лесниот пристап до пештерите во охридско-преспанскиот регион како и лошата едукација на локалното население, недостигот од едукативни материјали за заштита на пештерите и лилјаците како и недоволниот број обучени едукатори за ова прашање, ја наметнаа потребата од активности кои ќе ја промовираат заштитата на пештерските екосистеми, унапредување на заштитата на загрозените видови како и развој на ресурси за едукација за заштита на пештерите и лилјаците.

Инаку, на подрачјето на Националниот парк Галичица, досега е утврдено присуство на 18 видови на лилјаци, а со цел нивна заштита и заштита на пештерите се спроведува овој проект.

OhridNews