ОО Црвен крст Охрид избрана за спроведување на обуки за лица кои ќе се стекнат со сертификат за личен асистент на лица со попреченост. Општина Охрид денес го објави донесеното решение за изборот согласно Јавниот повик за финансиска поддршка на верифицирана организација/институција.

Целта е да се придонесе за независно и самостојно живеење на лицата со попреченост и нивно активно и рамноправно учество во заедницата и во општеството во целина, информираат од Општина Охрид.

Личниот асистент на лица со попреченост е услуга од социјална заштита, велат од Општина Охрид, преку која се обезбедува поддршка на лицето со попреченост во неговото осамостојување, согласно неговите индивидуални потреби.

Врз оснoва на Oдлуката ќе објавиме оглас за пријавување лица кои сакаат да бидат лични асистенти, да ја завршат обуката и да се стекнат со сертификат, вели претседателот на ОО Црвен крст Охрид, Сашо Точков.

Обуката која ќе трае 2 месеци ќе ја држат стручни лица со соодветна програма на МТСП.  По завршување на обуката ќе почнеме со услугите. За користење на услугата личен асистент ќе има оглас од МТСП. Дел од трошоците ќе ги покрива МТСП, а дел Црвен крст, што значи нема да биде на товар на лицата кои ќе ги користат услугите, информира Точков.

Помеѓу ОО Црвен крст Охрид и на Општина Охрид ќе биде склучен Договор во кој ќе бидат детално наведени обврските во насока на спроведување на оваа активност.

OhridNews